Епстајн ѝ кажал на Максвел да ги негира наводите дека „Стивен Хокинг учествувал во оргии со девојчиња“

од Stefanija Kuzmanovska

Новообјавените документи, во кои се наведени соработниците и пријателите на Џефри Епстајн, покажуваат дека Епстајн испратил е-пошта до Џилијан Максвел за да ги негира наводите дека професорот Стивен Хокинг учествувал во оргии со малолетни девојчиња.

Во е-поштата која Епстајн ѝ ја испратил на Максвел на 2 јануари 2015 година, Епстајн побарал од Максвел да види дали некој од семејството или пријателите на Вирџинија Џуфре може да помогне да се отфрлат нејзините наводи.

„Можеш да дадеш награда на кој било од пријателите, познаниците, семејството на Вирџинија кои ќе се јават и ќе помогнат да се докаже дека нејзините тврдења се лажни“, напишал Епстајн.

Фотографиите објавени од „Дејли Мејл“ покажуваат дека славниот научник го посетил озогласениот остров на Епстајн во 2006 година за време на конференција. Не е познато зошто бил на островот или зошто Епстајн сакал да ги оспори наводите за оргија.

Хокинг е фотографиран како присуствува на скара и го обиколува морското дно на островот во подморница, објави „Телеграф“.

Конференцијата наводно била финансирана од Епстајн на соседниот остров Сент Томас.

Хокинг е најпознат по неговото откритие дека црните дупки емитираат радијација која може да се открие со специјални инструменти, наведе НАСА.

Роден е во 1942 година, а во 1963 година, непосредно пред неговиот 21 роденден, му била дијагностицирана болест на моторните неврони. Поголемиот дел од животот беше врзан за инвалидска количка.

Да потсетиме, во средата беа објавени 946 страници од судските документи од тужбата на Вирџинија Џуфре против Џилијан Максвел.

Максвел, која отслужува 20-годишна затворска казна за сексуална трговија со луѓе, е единствената личност која некогаш е осудена за синџирот на трговија со луѓе.

Во документите се споменуваат имиња на познати личности и политичари, меѓу кои Бил Клинтон, Доналд Трамп, принцот Ендру, Мајкл Џексон, Коперфилд…

Ова е само дел од списокот, а во наредните денови се очекува да бидат објавени сите имиња.

Слични содржини