Керим за новите тензии меѓу Скопје и Атина: Во меѓународната дипломатија единствено што е вечно се интересите, а сè друго е подложно на промени, па и односите

од Nikola Popovski

Добрососедските односи отсекогаш биле составен дел и цел на нашата надворешна политика и како резултат на тоа, Македонија излезе од Југославија без воен конфликт. Со членувањето во ОН и преку нашата стратешка определба за евроатлантски интеграции, како земја покажавме дека сакаме со сите наши соседи да имаме добри односи, при што тука е вклучена и Грција. За доброседските односи да се развиваат согласно Повелбата на ОН и со меѓународното право и обичаите меѓу земјите, тоа подразбира меѓусебна почит, а не диктат од било чија страна, вели во разговор за „Локално“ поранешниот шеф на македонската дипломатија и поранешен амбасадор, Срѓан Керим, анализирајќи ги новите тензии и препукувања на релација Скопје-Атина во однос на Договорот од Преспа.

Според Керим, ако има проблеми во имплентација на Преспанскиот договор, треба да се седне на маса и да се разговара отворено за да се решат проблемите, а со еднострани одлуки и тој тип на однесување, тешко ќе ја постигнеме целта.

Поранешниот министер за надворешни работи посочува дека Договорот може да се загрози единствено доколку се применува праксата „а ла карт“ во меѓународните односи – што подразбира секој да избира она што му одговара и тоа да го применува, а тоа што не му одговара, не го применува.

Срѓан Керим

-Тука е потребен договор како и интегрално да се применува и спроведува спогодбата. Секоја треба да ги почитува однесувањето и внатрешната политика на другата земја. Не може Грција во своите редови и на своја територија да не применува одредби на спогодбата од нивни познати причини, а од друга страна критички да се однесува кон потези кои се влечат од Македонија, истакнува Керим.

Постои и друг принцип на меѓународните односи, додава соговорникот, како што е реципроцитетот и разбирање за одредени работи.

-Грците мора да разберат една работа дека постоењето на држава која се вика Македонија не е прашање на територијални претензии кон Грција, туку национално прашање. Постои нација во рамките на државата – сеедно дали се викала Народна Република Македонија, Социјалистичка Република Македонија, Република Македонија, па сега Република Северна Македонија. Таа нација во Македонија не може поинаку да се вика отколку како што кажува името. Такви примери има низ целиот свет, почнувајќи од Америка. Да нема американска нација, ќе ги нема САД. Не е работата за територијално прашање, туку национално. Постои македонски народ и тоа е прифатено со Преспанскиот договор и многу други договори, конвенции и спогодби. Ако има македонски народ, има и македонски јазик. Тие работи не треба да бидат предмет на расправии, тензии и толкувања. Треба да фокусираме на соработка – Грција има корист од тоа што сме соседи со оглед дека голем број наши граѓани одат на летување кај нив, имаат имоти и ја сакаат Грција, при што носат и материјална корист. Грците исто така не треба да забораваат дека илјадници нивни студенти поранешни генерации студираа во Македонија кога бевме дел од Југославија. Има взаеме интерес на многу полиња и затоа мораме да ги европеизираме односите, апелира Керим.

Екс-шефот на македонската дипломатија бара да се престане со фрустрациите бидејќи на патот кон Европа цело време некој ни става сопки. Керим потсетува дека во секоја прилика кога стануваше збор за чекор напред кон ЕУ, имаше некои „додатни услови“ кои не беа применувани за други држави.

-Во случаите на држави како Грција, Романија, Бугарија и Хрватска им се „замижуваше“ на слаби точки или проблеми и им отвораа пат. И во однос на Македонија треба истото да биде – наместо дополнителни критериуми, треба да ни се отвора патот по меритократски критериуми на ЕУ, како што се: внатрешното уредување на државата, кое како ретко во која европска земја има признавање на етникумите и малцинските права меѓу најнапредните. Нема друг пример освен Македонија која во таа мера и толку пати го менувала и модификувала уставот за да се приближиме кон ЕУ. И еврокомесарот Оливер Вархеји во Котор на Самитот со лидерите од Западен Балкан кажа дека целта им е до 2027 година да се случи проширувањето. Тоа речиси е утре ако гледаме како поминува времето. Тоа најдобро ќе се види сега во јуни на изборите за Европскиот парламент. Во таква атмосфера паѓаат бомбастични изјави од политичари и државници и тие треба да ги примаме без дигање на голема врева. Треба да се спушти топката, дециден е поранешниот министер.

Во однос на некористењето на придавката „Северна“ и кинењето на текстот од Преспанскиот договор од страна на лидер грчка партија во тамошниот парламентар, Керим вели дека не треба поединечни инциденти до тој степен да се вжештуваат и да им се придава такво значење, со цел врз база на тоа да се извлекуваат заклучоци за вкупните односи меѓу двете земји. Оценува дека такви инциденти се случувале во минатото и ќе се случуваат и понатаму.

-Сетете се само што се случуваше кога овде на гости беше тогашниот шеф на грчката дипломатија, Теодорос Пангалос – какви се навреди нанесе на сметка на Македонците, па после тоа односите се поправија… Во времето на тогашниот грчки премиер Папандреу, кога јас бев министер за надворешни работи, заеднички настапувавме во ЕУ и Грција беше еден од главните промотори за потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, која ние ја потпишавме пред сите земји од Западен Балкан, дури пет години пред Хрватска. Секогаш имало осцилации, но како што велат во меѓународната дипломатија – единствено што е вечно се интересите, а се друго е подложно на промени, па и односите. Ќе бидат подобри, ќе се влошуваат, ќе станат многу добри, но тоа зависи од двете страни. Не треба од Атина и Софија цело време да ги вперуваат очите само кон Скопје, туку да се гледа во двете насоки. Ако се имплицира и се подразбира дека само од нас зависи, тоа веќе не е добрососедска политика, туку политика на уцени и диктат и не треба да биде прифатлива за нас, анализира Керим.

Кирјакос Мицотакис

Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис вчера упати ново предупредување до македонските власти да престанат со, како што вели, провокациите и целосно да се почитува Договорот од Преспа со кој е предвидено уставното име на името на државата Република Северна Македонија.

-Сакам да испратам предупредувачка порака до новата влада, да ја почитува централната одредба од Договорот од Преспа, да го користи името Северна Македонија, во спротивно ќе создаде проблем, не во односите меѓу Грција и Северна Македонија, туку меѓу Европа и Северна Македонија, рекол тој во интервју за грчкиот јавен сервис „ЕРТ“.

Тој потсетил на осудувачките изјави што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ги упатиле до новоизбраната претседателка, Гордана Силјановска-Давкова откако таа не го кажа уставното име на државата Северна Македонија за време на полагањето заклетва во Собранието.

Н.П.

Слични содржини