ВЛЕН пак на гости кај Курти: Честитки и разговор за важни прашања или директно мешање во внатрешните работи на Македонија?

од Nikola Popovski
993 прегледи

Коалицијата ВЛЕН во нова посета на Приштина кај Албин Курти. За разлика од претходно, косовскиот премиер им честитал, порачувајќи дека постигнале историски успех во Македонија, со оглед дека од позиција на опозиција успеале да добијат повеќе од 100.000 гласови и дека се главни преговарачи за влез во новата Влада.

„Претставниците на ВЛЕН разговараа со премиерот Курти за важни прашања за Албанците во Северна Македонија, за меѓудржавните односи меѓу Косово и Северна Македонија, како и за други важни прашања. Руското и српското влијание и понатаму ги загрижува партиите, што се случува и преку корумпирани и криминални мрежи. Развојот на инфраструктурата што го поврзува населението на нашите земји беше една од главните теми на разговор, заедно со идеи и проекти за заживување на економската, културната и образовната соработка“, се вели во соопштението. Исто така било посочено дека Албанците на Балканот се „неоспорен фактор за поддршка на демократизацијата, европската интеграција, мирот, безбедноста и евроатлантската стабилност“.

Иако е премиер на соседно Косово, претседателот на косовската влада е редовен дел од актуелностите на македонската политичка сцена. Со оглед на неговото присуство и поддршката за здружената албанска коалицијата на изборите, се поставува прашањето дали и како ќе влијае „влегувањето“ на косовскиот премиер во македонската влада?

Дел од домашната експертска јавност смета дека премногу е очигледна намерата на Курти да се вмеша во политичкиот живот во Македонија преку ВЛЕН која и де факто беше негово протеже на двојните претседателски и парламентарни избори.

-Не сакам да верувам дека политичките лидери на ВЛЕН примаат инструкции како да се однесуваат во идната власт, токму од косовскиот премиер, бидејќи тоа ќе значи директно мешање во внатрешните работи на земјава од страна на премиер, на држава која не е призната за член на ООН, вели во разговор за „Локално“, политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски.

Благојче Атанасоски

На прашањето која е целта на Курти, Атанасоски истакнува дека веројатно сака да се покаже како иде патрон на албанскиот политички фактор и ќе сака да ја зацврсти улогата на најпопуларен албански политичар во регионот.

-Негов директен политички противник де факто му беше Али Ахмети, преку кој политички се „пресмета“ со албанскиот премиер Еди Рама. Се надевам дека нема да бидат целосно инструирани политичките лидери на Влен и да водат политика која ќе ја диригира Курти, апелира соговорникот.

Сепак е дециден дека ова е директно мешање во внатрешните работи на земјава и покрај тоа што се третира како „координација на албанскиот фактор“ во регионот.

-Жално е за земја која е членка на НАТО, и претендира да стане член на ЕУ, да биде делумно или прокси управувана од премиер на држава која не е член на ООН. Но за тоа е виновен нашиот политички естаблишментот, кој не знаеше да најде институционален механизам да ги спречи ваквите девијантни појави, смета Атанасоски.

Со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ е веќе во преговори со ВЛЕН за формирање на новата Влада, а нема никаква реакција во однос на средбата во Приштина, аналитичарот оценува дека сигурно не сакаат да ги нарушат преговарачките позиции, пред идното формирање на влада, бидејќи единствено ВЛЕН е прифатлив партнер за партијата на Христијан Мицкоски во идната власт.

Последно време многу се крева прашина на тоа кој кого го поддржува во Северна Македонија и тоа пред изборите. Според уште еден аналитичар, Берат Азизи, се знае дека индиректно сите политичките партии во земјава имале некоја поддршка од надвор, било од Косово, Албанија, па и од европските политичари.

Берат Азизи

-Лично јас сметам дека нивната поддршка нема влијание кај гласачкото тело без разлика што Албанците ја поддршуваат политиката на Курти. Мислам дека вчерашната средба е дека ВЛЕН како дел на новата влада сигурно ќе продожи со соработката со косовската влада, бидејќи двете земји треба да работат на патот кон евроинтеграциите и добра соработката. Мислам дека Курти не влегува во владата како што изјавуват некои политички партии туку Курти ја подржува ВЛЕН и тоа за мене е нормално. Двете влади се свесни дека треба да соработуват меѓу себе на економски план, на владеење на демократијата и тесна соработка со ЕУ, како и да станат дел на неа, анализира Азизи за „Локално“.

Потенцира дека ова не е мешање од друга држава во внатрешните работи и смета дека критиките на албанскиот премиер Рама не се реални.

-Тој сака да биде на центар на вниманието на јавноста и да да се покаже како важна фигура на Западен Балкан. Ако се сеќавате добро Курти досега никогаш не рекол дека треба да гласате за ВЛЕН или да му порача на Мицкоски дека треба да формира влада со ВЛЕН. Нормално е дека партиите да соработуват меѓу и себе. Како второ, Курти нема време да се меша на работите на друга држава во време кога има повеќе работи што треба да ги решава. Состојбата во Северна Македонија е многу поинаква од состојбата во Косово и се знае дека неговото влијание е на минимум, тврди соговорникот.

Азизи оценува дека ВМРО-ДПМНЕ не гледа нешто необично на овие средби, па оттаму нема потреба да реагира.

-Средбите моментално се меѓу Курти и ВЛЕН која се уште не е дел на владата. Значи тука имаме голема разлика и секоја партија има право да се сретне со кого сака. Друго е средбите на ниво на владите и на министрите бидејќи тогаш се работи за интересите на државите, а не на партиите. Земајќи во предвид овие политичките средби ВМРО-ДПМНЕ не реагира, заклучува аналитичарот.

Рама го „искара“ Курти

Албанскиот премиер Еди Рама веќе упати критики кон својот косовски колега. Тој посочи дека за разлика од движењето Самоопределување, неговата партија нема намера да се меша ниту во Косово, ниту во Македонија.

„Албин е професионален опозиционер. Го чекам денот кога ќе протестира против сопствената влада. Единствениот што може да го собори Курти е само Албин Курти. Не се задоволува со револуционерната желба и оди во Македонија, како и што доаѓа во Албанија. Дента кога дојде да ги претстави кандидатите, со мене јадеше шпагети. И пак ќе јаде кога ќе дојде да ги претстави кандидатите. Албанците често ми кажуваат како можеш така да се однесуваш со твојот помал брат. Да, тоа го прави помаилот брат и вие нема што да правите“, кажа Рама во интервју за косовски медиум.

Според него, тоа што Курти формирал партија од неговото движење „Самоопределување“ во Албанија не е ни најмалку нормална работа.

Соработката на Курти со албанскиот опозициски блок во земјава не е изненадување. Како поддршка од косовскиот премиер беше протолкувана и неговата посета на Чаир и Тетово во август 2023 година, кога беа организирани граѓански собири и концерт на тетовскиот плоштад во организација на Општината предводена од Билал Касами од Беса, кој сега е дел од опозициската коалиција.

Самоопределување, како политички субјект се регистрираше и во Албанија за да учествува на парламентарни избори во оваа држава во 2021, но не успеа да освои пратенички мандат.

Н.П.

Слични содржини