Две момчиња од кривопаланечкото село Луке, на возраст од 19 и 24 години, ќе одговараат за убиство, откако од користољубие за да го ограбат, со нож убиле 84-годишен старец од нивното село. Момчињата, кои според неофицијални информации се браќа, телото на жртвата го запалиле и потоа го закопале. За крвавото убиство првично беше уапсен и нивниот татко, против кого полицијата не поднесе пријава.
„СВР Куманово поднесе кривична пријава по брза постапка против С.Ф.(19) и З.Ф.(24), двајцата од с.Луке, кривопаланечко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство“.
На 24 март 2025 во с.Луке, кривопаланечко, пријавените се договориле да извршат кражба на нивниот сосед Љ.С. и го намамиле да излезе во дворот, при што првопријавениот го нападнал со остар предмет. Од здобиените повреди, тој починал на местото, по што му одзеле пари и телото го запалиле, додека остатоците ги закопале. Од судија на претходна постапка на пријавените им е определена мерка притвор“, додаваат од МВР.