Во ера на брз технолошки развој, дигитализацијата на образованието не е прашање на избор. Тоа е важна компонента на процесот на дигитална трансформација на општеството и за Владата и Министерството за образование и наука висока стратешка определба. Откако дигитализиравме низа услуги и постапки за остварување на одредени права и дадовме поддршка за модернизација на ИТ и мрежната инфраструктура во училиштата, се фокусиравме на тоа и учебниците да добијат своја квалитетна дигитална верзија, како опција која во секој момент ќе им биде достапна на учениците, покрај печатените учебници кои и натаму ќе ги добиваат во училиштата.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната промоција на првите дигитализирани интерактивни учебници за четврто, петто и шесто одделение, изработени во рамки на првата фаза од процесот на дигитализација на учебниците што Министерството за образование и наука го започна оваа година, а ќе продолжи и во наредните.
„Ова не се класичните печатени учебници конвертирани во PDF формат, туку учебници со многу мултимедијални елементи како видеа, фотографии, илустрации, квизови и друга содржина што го прави процесот на стекнување знаења поинтересен за младите, а со тоа и поефективен. Тие се во согласност со наставните програми и националните стандарди за постигањата на учениците во основното образование. Поставени се на посебна, стабилна платформа, nastava.mk и достапни се во секое време и од секое место каде може да се воспостави интернет врска“, рече Шаќири.
Информираше дека во изминатиот период нивната примена е тестирана во повеќе училишта и дека реакциите на наставниците и на учениците се исклучително позитивни.
„Станува збор за учебници по сите предмети од четврто, петто и шесто одделение на сите наставни јазици. Не се одлучивме за дигитализација на учебниците од пониските одделенија. Ги почитуваме педагошките препораки, бидејќи тоа е периодот за развој на однос на децата кон книгата и пишаниот збор. Дигитализацијата на учебниците ќе продолжи и во следните години, односно, како ќе се одобруваат и печатат нови учебници, согласно планот за реформата на основното образование која е во тек, така тие ќе добиваат и квалитетна дигитална верзија со богата мултимедијална содржина“, додаде министерот.
Шаќири рече дека МОН и Владата остануваат фокусирани на следењето на глобалните трендови, текови и стандарди поврзани со прифаќањето на новите информатичко – комуникациски технологии, алатки и уреди и примена во националниот воспитно – образовен систем, затоа што, како што рече , дигитализацијата носи бројни придобивки и сите сме доволно свесни и сме искусиле како технолошките иновации го олеснуваат секојдневното функционирање.