Во петокот, по предлог на Бирото за развој на образованието, МОН ги усвои новите наставни програми, во рамки на стартот на новата Концепција за основно образование, со која значително ќе се модернизира образовниот процес.
Како што е наведено во денешното соопштение на МОН, наставните програми се изработувани од страна на работни групи во кои покрај советниците на БРО, учествуваа и универзитетски професори и практичари – наставници од основно образование одбрани преку јавен оглас, а во текот на целиот процес беа консултирани и бројни експерти од повеќе области на коишто се темели новата Концепција.
„За прв пат во нашата земја се изработија наставни програми врз основа на Национални стандарди базирани на компетенции и истите се фокусираат на резултати од учењето. Прецизно е дефинирано какви компетенции (знаења, способности, вештини и ставови) се очекува да стекнат учениците за време на основното образование, а наставникот добива целосна автономија да ја прилагодува наставата кон одделни ученици или групи за целосно постигнување на очекувањата и потенцијалот на секој еден ученик“, се вели во соопштението од МОН.
Од МОН велат и дека со новите наставни програми предност се дава на формативното, наспроти сумативното оценување што подразбира дека постигањата на учениците ќе се следат на дневна основа, наместо само да се организираат тестирања на крајот на одредени периоди – тримесечје или полугодие.
Работните групи во Бирото за развој на образованието, како што стои во соопштението, продолжуваат со креирање на наставните програми и за другите одделенија на основното образование со единствена цел да бидат создадени стручни документи коишто ќе бидат основа и поттик на наставниците за еден поинаков пристап во наставата и образување на нови отворени, компетентни и демократски генерации.