Реформите во основното образование се насочени кон зголемување на аналитичкото и критичкото размислување со што учениците полесно ќе може да направат разлика за тоа што не е во ред и што е правилно. Затоа во новата концепција за основно образование која ја имплементираме од септември едни од основните вредности се инклузивност, родова еднаквост и недискриминација за што наставниците поминуваат соодветна обука, а родовите стеротипи се отстрануваат од наставните материјали, истакна Санела Шкријељ, претставник на Министерството за образование и наука, на панел дискусија “Со заеднички сили за родова еднаквост – заложби и повратни информации”, која беше дел од Глобалниот партнерски форум за сеопфатно сексуално образование организиран од „УНФПА“.
Според неа, со вметнување на содржини за родовата еднаквост, младите ќе учат за своите чувства, самодоверба, почитување, заштита од насилство и вознемирување.
„Со овие наставни програми се обезбедува дополнителна вредност во градењето на младите, грижата за себе, нивниот интегритет и самодоверба. Ги учиме на емпатичност, за грижата едни за други и почитување на различностите. Кога учениците ќе ги имаат овие информации уште од најмала возраст ќе ги знаат основните човекови права, но и ќе знаат да ги почитуваат правата на другите”, рече Шкријељ.
На онлајн форумот за глобално партнерство, учествуваа над 50 претставници од државни институции, граѓански и младински организации и експерти од светот.