МОН: Младите во земјава ја поддржуваат дигитализацијата на образованието

од Andreja Salpe
229 прегледи

Сојузот на средношколци потврдува дека младите во Северна Македонија ја поддржуваат дигитализацијата на учебниците и воопшто на образованието, информираат од министерството за образование. Од таму додаваат дека е сосема очекувано да постојат дилеми кај младите и кај нивните семејства.

МОН потсетува дека од следната учебна година се воведува комбиниран модел на примена на материјалите за учење, кој ќе се имплементира сукцесивно во следните неколку години. Ова решение не предвидува дигиталниот учебник да биде единствена опција за учениците. Од прво до трето одделение учениците и натаму ќе користат печатени учебници, додека за учениците од четврто одделение приоритетна опција се дигиталните учебници. Лектирите остануваат исклучиво во печатена верзија.

„Новото законско решение предвидува за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. За оваа цел, во рамки на училиштата веќе се прават проценки и подготовки за обезбедување на одреден таканаречен „библиотечен фонд“ на таблет уреди кои ќе им се даваат на времено користење на учениците кои имаат потреба од ваков тип на поддршка согласно законот“, информираат од министерството.

Дообјаснуваат дека доколку ученикот изрази потреба за користење на печатен учебник, истиот ќе му биде обезбеден од страна на училиштето. 

Слични содржини