МОН објави конкурс за доделување студентски стипендии за странски државјани

од Берта Китинска

Oтворен е Конкурс за доделување 50 студентски стипендии кои се од интерес за Македонија, за студиската 2022/2023 година, за странски државјани со македонско потекло кои живеат во Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Косово, Турција, Романија, Црна Гора и Грција.

Во Конкурсот што го објави МОН е наведено дека стипендијата се доделува за додипломски студии од прв циклус колку што се предвидени со статутите на државните универзитети во земјава.
„На корисникот на стипендија целосно му се надоместуваат трошоците за студирање: уписнина, бесплатно сместување и исхрана во студентски дом, месечна стипендија, примарно здравствено осигурување, трошоци за издавање и продолжување дозвола за привремен престој на странец заради студирање. Министерството за образование и наука определува во кој студентски дом ќе биде сместен кандидатот кој се стекнал со право на стипендија“, пишува во објавениот конкурс.

Конкурсот трае до 15 септември 2022.

„Министерството за образование и наука го задржува правото на избор на факултет од алтернативите наведени од страна на кандидатите во нивните пријави. Дополнително, треба да се има предвид дека не е овозможено право на избор на студентски дом за сместување и дека тоа е право исклучиво на Министерството за образование и наука. Исто така, кандидатите кои ќе се стекнат со стипендија потребно е лично да ги доставуваат документите за продолжување на правото за користење на стипендијата во МОН“, се укажува во Конкурсот.

Трошоците за нострификација на дипломите се на товар на студентите. Потребно е барањето за нострификација на документите да се поднесе најдоцна пет дена од објавувањето на конечната листа на добитниците на стипендијата до одделението за нострификација во МОН со цел навремено завршување на постапката и да се овозможи следење редовна настава.

Избраните кандидати кои нема да пристигнат во државава до 10 октомври 2022 ќе се смета дека се откажале од добиената стипендија.

Слични содржини