По барање на професорите, Министерството за образование и наука (МОН) ја откажа средбата која беше планирана да се одржи денеска и со која требаше да почнат разговорите меѓу претставници од МОН и од УКИМ за нов закон за високо образование, дознавае од неофицијални извори +Инфо.

Министерството го прифати предлогот на Ректоратот на УКИМ денеска да се одржи средба, но до последен момент не беше одредена локацијата и терминот. Се шпекулираше дека средбата ќе се одржи во Клубот на пратеници во 17 часот, но официјално од Министерството не го потврдија тоа. Студентскиот пленум ја отфрли идејата за оваа средба и побараа таа да се одржи на академско тло. Со овој гест, рекоа пленумци, образовните власти би покажале волја дека сакаат да се дебатира за суштинските измени на високото образование.
Неофицијално дознаваме дека следната средба ќе биде организирана во договор со студентите. Од Министерството немаме официјална потврда за ова, ниту дали министерот се согласува за високото образование да се дискутира на територијата на академската заедница.