Монетарната политика се затегнува, банките се на потег

од Vladimir Zorba
376 прегледи

Граѓаните и стопанството се во грч по одлуката на НБРМ да ја зголеми референтната каматна стапка.Иако дел од експертите велат дека се работи за очекуван потег кој треба да ја смири инфлацијата, согласни се дека тоа во одредена мера ќе се одрази на деловната политика на банките.

„Иако, во основа, незначително е зголемувањето на рефернтната каматна стапка, тоа дава сигнали за националната економија во кој правец во претстојниот период ќе дејствува монетарната политика, односно дека таа ќе мора да се заострува. Во овој момент, зголемувањето на референтната каматна стапка на НБРМ не би требало поинтензивно да дејствува врз каматните стапки на банките. Сепак, таа промена во референтна каматна стапка претставува сигнал за деловните банки дека монетарната политика ќе се заострува, што тие треба да го имаат предвид при конципирањето и реализираето на својата деловна политика и сите заедно да дејствуваат кон запирање на загрижувачкиот тренд на пораст на стапката на инфлација”, вели за „Локално“, поранешниот заменик на гувернерот на НБРМ, професор Томе Неновски.

И професорката од Економскиот институт при УКИМ, Снежана Костадиновска-Милошевска за „Локално“ рече, дали, кои кредити и за колку проценти ќе поскапат, ќе зависи од индивидуалните одлуки на банките.

„Тоа што би било неповолно за стопанството е да дојде до стегање на кредитната политика. Заради оваа неповолност потребно е Централната банка и Владата да реагираат со дополнителни инструменти, со цел да не дојде до влошување на ликвидноста и одлагање на инвестициите, факти што би го загрозиле економскиот раст”, вели Костадиновска.

Централната банка пред неколку дена одлучи да ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 % или од сегашните 1,25 на 1,5%. Причина за ваквата реакција беше лоцирана во нагорното поместување на инфлациските очекувања. Според зборовите на гувернерката Анита Ангеловска Бежовска, и со корекцијата, референтната каматна стапка останува на едно од осториски најниските нивоа што е под нивото од пред пандемијата.

К.В.С.

Слични содржини