„Монти Пајтон регулатива“: Пожарот во Чаир покажува сериозни пропусти во противпожарните стандарди

од Илинка Илиоска
107 прегледи

По катастрофалниот пожар кој избувна во скопската населба Чаир и кој пожарникарите го гасеа непрекинато скоро 30 часа, се отворија бројни прашања за безбедноста и противпожарните мерки во станбените згради во земјава. Пожарот опустоши магацински простор во станбена зграда на улицата Прохор Пчински, а мораше да се евакуираат околу 100 жители, од кои скоро на половината им требаше лекарска помош, вклучувајќи и петмесечно бебе.

Архитектот и професор Мирослав Грчев во разговор со Локално.мк, изрази загриженост за несоодветната противпожарна заштита во новоизградените згради. Тој истакна дека постојат сериозни недостатоци во регулативите и дека ова прашање е запоставено повеќе од 3 децении.

„Урбанистичките стандарди не ги имаат за предмет на нормирањето стандардите и нормативите за противпожарна заштита, како и за архитектонски стандарди за безбедност и евакуациски патишта при проектирањето и градењето на згради. Таа материја мора да биде покриена со норми во Законот за градење и детално нормирана во Правилникот за проектирање на згради,“ објаснува Грчев.

Според него, ваквата регулација треба да дојде од надлежното министерство за уредување на просторот, но досега, сè уште не е донесен таков правилник.

„Надлежното министерство за ова кусо време од 35 години независност сè уште не смогна сили, време и средства – а веројатно ни мисла – за да создаде и донесе еден таков правилник“, истакна професорот.

Според него постојниот Правилник за проектирање е тажно редуциран и сосема неприменлив.

„Постојниот Правилник за стандарди и нормативи за проектирање е тажно – ако не и смешно – редуциран, факултативен или сосем неприменлив, и, наместо таа екстремно важна материја – стандардизацијата на архитектонските елементи за различни ситуации и видови на градби, како и од различните функционални и безбедносни аспекти – да биде обработена во стандарди од 1000 члена и 2000 страни минимум, таму има петнаесеттина карикатурални членови за архитектонските работи и уште 70-ина членови препишани од Правилникот за проектирање на јавни патишта“ вели Грчев.

Како составен дел на Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање е и поглавјето Стандарди и нормативи за проектирање на засолништа и заштита од пожари кое содржи два члена за засолништа и два за противпожарна заштита, кои се содржински толку застарени, маргинални и неупотребливи, што целото поглавје – како и впрочем целиот Правилник – личи како да го составиле генијалците од Летечкиот циркус на Монти Пајтон за потребите на своите урнебесни скечеви.

Освен недостатокот на стандарди за градба, Грчев  го истакнува и проблемот со одржувањето на постоечките противпожарни системи, особено во старите згради.

„Непостоењето на вистински стандарди и норми за противпожарната заштита при проектирањето и градењето и не е единствениот проблем во нашата земја: такви постоеа за времето кога бевме во составот на југословенската федерација. Работата е во тоа што ние и постоечките скали и норми не ги одржуваме и почитуваме! Во тоа време се градеа згради што над одреден број на спратови задолжително мораа да имаат противпожарни скали или надворешни метални или пак внатрешни, кои беа заштитени во бетонски силоси и специјални противпожарни врати“, забележува тој, укажувајќи на тоа дека ваквите активности дополнително го отежнуваат пристапот до противпожарните излези и скали.

„Проблемот со неодржување на изградените противпожарни скали, хидрантските мрежи, и другите елементи од системот на противпожарни и безбедносни мерки е очигледно многу поширок и подлабок и претставува одраз на ниската култура на живеење и можеби уште повеќе, тоа е симптом на ерозија на државата и државотворноста како и на прогресивната деменција на општеството,“ заклучи Грчев

И.И.

Слични содржини