Законот за легализирање дивогради е дискриминирачки во однос на граѓаните кои ги почитуваат правните процедури, изјави за „Локално“ пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин.
Неговото изгласување со 72 гласа за неа е непријатно изненадување, особено ако се земе предвид фактот дека како што вели „ретко кога досега за одредено законско решение во Собранието сме имале ваков консензус“.
Како неприфатлива ја посочува можноста за легализирање на дивоградбите која повторно им се нуди на граѓаните откако ваков речиси идентичен закон беше донесен во 2011.
„Со постојано продолжување на рокот, секој имаше можност да ги легализира дивоградбите, но сепак процесот на изградба на дивоградби не запре“, децидна е Морачанин.
Сега, според неа повторно се праќа негативна порака бидејќи на граѓаните им се вели дека ќе бидат опфатени дивоградбите изградени до денот на влегување во сила на новиот закон.
„На ваков начин се ставаат во подредена положба граѓаните кои ги почитуваат законите, трпеливо собираат документи потребни за изградба на објект, чекаат пред шалтери…“, вели Морачанин.
Потсетува дека според нашиот кривичен законик бесправното градење се третира како кривично дело кое се казнува со казна затвор. На овој начин сите кои граделе без почитување на законските процедури не само што се амнестираат, туку и се стопираат сите веќе започнати судски постапки за вакви дела.
Во ваква ситуација, вели Морачанин, логично се наметнува прашањето зошто ни е потребно урбанистичкото планирање.
„Не се почитува Законот за урбанистичко планирање, Деталните урбанистички планови, па оттука и дилемата зошто тие се носат“, категорична е пратеничката на ДОМ.
За неа е апсурдно и решението кое им налага на сопствениците на дивогради лоцирани во заштитени подрачја и национални паркови да побараат мислење од Министерството за животна средина. Како дилема го поставува прашањето како ќе одлучува минситерството за животна средина за одредени дивоградби во заштитените подрачја, односно врз основа на кои критериуми ќе ги даде мислењата во насока на тоа кои од дивоградбите ќе можат да се легализираат.
„Знам дека уривањето е непопуларна метода, но ваков закон дефинитивно не е решение за проблемот“, вели Морачанин која е меѓу петмината пратеници кои побараа од претседателот Пендаровски да не го потпишува законот.
К.В.С.