НАТО мора да преземе конкретни чекори за решавање на мигрантската криза на границата со Белорусија, изјави денеска полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
Тој додаде дека Полска, Литванија и Летонија може да побараат консултации според членот 4 од договорот на Алијансата.
Според член 4, секоја членка на алијансата може да побара консултации во секое време кога е загрозен нејзиниот територијален интегритет, политичка независност или безбедност.
„Не е доволно само јавно да се изразува загриженоста – сега ни требаат конкретни чекори и посветеност од целата алијанса“, рече Моравјецки.
Илјадници мигранти пристигнаа во Белорусија со надеж дека ќе преминат во ЕУ, но се најдоа блокирани на границата со Полска и другите соседни членки на ЕУ на многу студено време.