Американската банка „Морган Стенли“ прогнозира дека еврото ќе падне за седум отсто во однос на доларот до крајот на 2024 година, бидејќи очекува Европската централна банка (ЕЦБ) наскоро да ги намали каматните стапки за да се справи со болната економија во еврозоната.
– Банката очекува еврото да падне на 1,02 долари до крајот на годината – изјави Дејвид Адамс, шеф за стратегијата за девизниот пазар во „Морган Стенли“, додавајќи дека очекува ЕЦБ да продолжи со намалувањето на каматните стапки на своите три состаноци до крајот на 2024 година.
Аналитичарите на Блумберг, пак, предвидуваат спротивен тренд, односно раст на еврото до 1,11 долари до крајот на годината.
Адамс од февруари предупредува на пад на вредноста на еврото и поради американските избори и поради политичката ситуација во Франција и Германија.
– Политичките ризици и неизвесноста растат во време кога економскиот раст забавува – рече тој. – И двата фактори укажуваат на тоа дека инвеститорите ќе бидат помалку подготвени да инвестираат капитал во регионот, истакна Адамс.