Морнар од Хрватска кој изчезнал пред 30 години е пронајден жив во Шпанија

од Milan1

Морнарот Петар Марчинко од местото Чепикуќе во близина на Дубровник, кој исчезнал пред 30 години, деновиве е пронајден во Шпанија, каде што живеел сите овие години. Според порталот Дулист, полицијата го известила семејството на пронајдениот Марчинко, по што тој бил и избришан од регистарот на исчезнати лица.

Јавноста сѐ уште не ја знае причината за неговото мистериозно заминување во Шпанија пред 30 години и зошто никогаш не контактирал со семејството, пишува Вечерњи лист.

Последната информација за него била во април 1992 година, кога како 39-годишен се симнал од бродот „Дубровник“ во шпанскиот град Хихон, по што му се губи трагата. 30 години подоцна, полицијата добила потврда од меѓународни институции со кои соработувала, дека при проверка на документи кои неодамна се појавиле, го има и неговото име. По деталната проверка, Марчинко е пронајден жив во Шпанија.

Според зборовите на еден од неговите некогашни соседи во Чепикуќе, Петар требало да се качи на брод за Канада за да оди кај својот брат, но поради некоја причина изгледа не го сторил тоа, туку се симнал во Шпанија.

Слични содржини