Московските улици каде што се амбасадите на САД и Велика Британија преименувани во Доњецк и Луганск

од Nikola Popovski
228 прегледи

Русија прибегна кон практиката на Вашингтон и ги преименува улиците каде што се наоѓаат американската и британската амбасада во Москва по имињата на двете сепаратистички области во источна Украина каде што сега се водат најжестоките борби. Рускиот претседател Владимир Путин ја призна нивната независност во февруари, непосредно пред да испрати руски војници да ги „ослободат“ од Украина.

САД и Велика Британија не ги признаа самопрогласените Доњецката и Луганската народна република, но руските власти велат дека барем ќе мора да ги препознаат новите адреси доколку сакаат да добиваат пошта.

Денеска пред британската амбасада беше поставен знак со новото име на улицата „Плоштад Народна Република Луганск“, а од минатиот месец на „Плоштадот на Народна Република Доњецк“ се наоѓа и американската амбасада во Москва.

Меѓутоа, САД ја играат оваа игра многу подолго, според АП. Во 1980-тите, дел од улицата пред советската амбасада во Вашингтон беше симболично наречен Плаза Андреј Сахаров во чест на советскиот нуклеарен физичар и водечки дисидент и активист за човекови права.

Од 2018 година, дел од авенијата пред новата руска амбасада во Вашингтон се вика Борис Немцов Плаза. Немцов, опозициски лидер кој ги водеше протестите против Путин и работеше на разоткривање на корупцијата, беше убиен во близина на Кремљ во 2015 година.

Руската амбасада во Лондон во моментов се наоѓа на непроменетата адреса на „Градините на палатата Кенсингтон“.

Фото: Крыминформ

Слични содржини