Структурите на рускиот опозиционер Алексеј Навални подготвуваат обоена револуција по наредба на странски центри ангажирани во деструктивни активности против Русија, објави Московското обвинителство, пренесе „Спутник“.
Според Обвинителството, овие и други аргументи се содржани во барањето за прогласување на „Фонд за борба против корупцијата“, основан од Навални, петербургскиот „Фонд за заштита на човекови права“ и „Штабовите на Навални“ за екстремистички организации и за забрана за нивната работа во Русија. Барањето стигнало до Московскиот градски суд.
„Материјалите презентирани пред судот содржат исцрпни докази дека споменатите структури вршат екстремистички активности, дестабилизирајќи ја социо-политичката состојба во земјата. Тие тоа го прават со апели на насилни активности, екстремистички активности, масовни немири, како и обиди за вклучување на малолетници во незаконски активности“, се вели во соопштението.
Обвинителството проценува дека овие организации „дејствуваат со активна координација и на барање на разни странски центри кои вршат деструктивни активности против Русија“.
Вистинските цели на овие организации се „создавање услови за промена на темелите на уставниот поредок, промена на владата и реализирање на сценариото за обоена револуција“, заклучува Обвинителството.