Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска изјави дека истекувањето од гасоводот Северен тек е чин на саботажа и рече дека со данскиот министер за одбрана Мортен Бодск разговарал за заштита на критичната инфраструктура во земјите од Алијансата.
„Со министерот за одбрана Мортен Бодск разговарав за саботажата на гасоводите Северен тек. Разговаравме и за заштита на критичната инфраструктура во земјите на НАТО“, објави Столтенберг на Твитер.
Претходно, Бодск изјави дека постои причина за загриженост за безбедносната ситуација во регионот на Балтичкото Море, наведувајќи ја како последен пример сомнителната саботажа на двата гасовода „Северен тек“.
Компанијата „Норд стрим АГ“, операторот на гасната мрежа, вчера објави дека три крајбрежни линии на гасоводниот систем Северен тек претрпеле „невидена“ штета за само еден ден.
Москва: Глупави се тврдењата дека Русија го саботирала Северниот тек
Москва денеска ги нарече глупави тврдењата дека Русија стои зад наводните напади на гасоводите „Северен тек“, додавајќи дека во исто време руските власти забележуваат големо зголемување на профитот на американските компании кои доставуваат гас во Европа.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на редовна прес-конференција изјави дека инцидентот треба да се истражи и дека роковите за поправка на оштетените гасоводи не се јасни.
Европските власти го истражуваат она за што Данска, Германија и Шведска тврдат дека е акт на саботажа на гасоводот под Балтичкото Море на двата руски гасовода Северен тек 1 и Северен тек 2, пренесе „Ројтерс“.