Москва го повика Вашингтон што побргу да се ослободи од хемиско оружје и да престане да инсинуира дека Русија развива таков вид оружје, изјави денеска рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, како што пренесе ТАС С.
Американскиот Стејт департмент претходно објави дека Русија наводно ја развива својата хемиска програма.
-Ова е уште една шпекулација на Стејт департментот. Ова не е првпат да слушаме неосновани обвинувања против нашата држава, без никакви докази – напиша Антонов на Фејсбук профилот на руската амбасада.
Антонов додаде дека Русија побарала докази.
– Неколку пати повторивме нашите странски партнери да ни ги покажат овие информации и предложивме професионален дијалог за да дојдеме до вистината. Сепак, нашите предлози останаа неодговорени – додаде Антонов.
Тој истакна дека Русија „целосно ги уништила залихите на хемиско оружје“.
– Ова официјално го докажа Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ). Во исто време, САД остануваат единствените членки на CWC (Конвенција за хемиско оружје) што не ги исполниле своите обврски за уништување на залихите – потсети Антонов.