Москва и Минск разгледуваат заеднички мерки против Литванија поради Калининград

од Stefanija Kuzmanovska
263 прегледи

Кремљ соопшти дека рускиот и белорускиот претседател работат на заеднички мерки како одговор на Литванија која забрани транзит на одредени стоки до руската ексклава Калининград.

Ексклавата Калининград, која се наоѓа помеѓу Полска и Литванија, во голема мера се снабдува со железница од континентална Русија. Применувајќи ги европските санкции воведени поради руската офанзива во Украина, од втората половина на јуни, Вилнус повеќе не дозволува поминување на одредена стока низ својата територија.

Претседателите Владимир Путин и Александар Лукашенко во телефонски разговор ја истакнале ситуацијата предизвикана од „незаконските санкции воведени од Литванија и во тој контекст разговарале за можни заеднички мерки“, се вели во соопштението на Кремљ.

Освен границата со Калининград, Литванија нема друга граница со Русија. Сепак, дели граница од околу 680 километри со Белорусија, главниот сојузник на Кремљ и задна база на руската војска за време на нејзиниот напад врз Украина.

Преговорите меѓу Русија и Европската унија се во тек, а Москва бара укинување на ограничувањата што го спречуваат транзитот на стоки и спроведување на договорот од 2002 година, кога балтичките републики, поранешни советски републики, влегоа во ЕУ.

На крајот на јуни, гувернерот на Калининград, Антон Алиханов, процени дека меѓу 40 и 50 отсто од стоките што пристигнуваат во ексклавата би можеле да бидат предмет на ограничувања, од јаглен до метали, градежни материјали, алкохол и технолошки производи. Москва вети „сериозни“ последици за Литванија доколку не се обнови транзитот.

Слични содржини