Москва испраќа музичари на фронтот во Украина за да го подигне моралот на армијата

од Nikola Popovski
161 прегледи

Руските власти имаат намера да распоредат музичари на првите борбени линии во Украина во обид да го подигнат моралот на војниците.

Министерството за одбрана на Русија најави формирање на „првата уметничка бригада“, велејќи дека во неа ќе бидат вклучени пејачи и музичари.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ги посети војниците на фронтот во Украина, соопшти владата.

Во соопштението објавено на каналот на Телеграм, Министерството за одбрана наведува дека Шојгу „ги посетил областите на распоредување војници и ги проверил позициите на руските единици во зоната за специјални воени операции“.

Се додава дека тој „разговарал со војниците на линијата на фронтот и со командантите“.

Би-Би-Си не може да потврди кога Шојгу ги посетил војниците и дали бил на фронтот во Украина.

Извештаите за посетата и обуката на единицата за специјални уметности следеа по тврдењата на британското разузнавање дека „нискиот морал останува значајна ранливост за голем дел од руските сили“.

Британците велат дека новата уметничка бригада има историски корени, бидејќи во минатото воената музика и организираната забава служеле за подигање на моралот на војниците на боиштата.

Така направија Американците за време на Виетнамската војна, на пример.

Но, Британците се прашуваат дали новата руска бригада навистина ќе го одвлече вниманието на војниците, кои првенствено се загрижени за „многу високите стапки на жртви, лошото раководство на фронтот, проблемите со платите, недостатокот на опрема и муниција и нејасните цели на војната“.

Според руската РБЦ Њуз, бригадата ќе ја сочинуваат војници мобилизирани за време на неодамнешниот регрут, како и „професионални уметници кои доброволно се приклучиле на воената служба“.

-Задачата на новата единица е да одржува „висока морална, политичка и психолошка состојба [меѓу] учесниците во специјалната воена операција“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Додека се прават подготовки за испраќање уметничка единица во Украина, продолжија жестоките борби, особено околу градот Бахмут во источен Донбас, соопшти украинскиот Генералштаб.

Западни разузнавачки извори тврдат дека руските напади врз градот ги предводи групата Вагнер, составена од платеници.

Москва се надева дека освојувањето на овој град ќе овозможи полесен продор кон Краматорск и Славјанск.

Слични содржини