Москва предупредува дека НАТО следи руски танкер во меѓународни води

Во соопштението се додава дека веќе неколку дена танкерот „Маринер“ е следен од брод на американската крајбрежна стража, иако американскиот брег се наоѓа на околу 4.000 километри од локацијата на рускиот брод

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Printscreen/Youtube/Bloomberg Originals

Русија со загриженост ја следи ситуацијаta околу рускиот танкер со нафта „Маринер“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

На танкерот наводно му се посветува „зголемено и очигледно непропорционално внимание од страна на воените сили на САД и НАТО во однос на неговиот цивилен статус“.

„Навистина со загриженост ја следиме абнормалната ситуација околу рускиот танкер за нафта „Маринер“. Бродот моментално се наоѓа во меѓународните води на Северниот Атлантик, пловејќи под државното знаме на Руската Федерација и во целосна согласност со нормите на меѓународното поморско право. Сепак, од причини што не ни се јасни, рускиот брод добива зголемено внимание од воените структури на САД и НАТО, што е очигледно непропорционално на неговиот мирновременски статус“, нагласија од руската дипломатска служба.

Во соопштението се додава дека веќе неколку дена танкерот „Маринер“ е следен од брод на американската крајбрежна стража, иако американскиот брег се наоѓа на околу 4.000 километри од локацијата на рускиот брод.

Москва изрази очекување дека западните земји, кои јавно се залагаат за слобода на пловидба на отворено море, ќе почнат доследно да го применуваат овој принцип со своите постапки.