Русија ги воведува првите мерки против ковид во главниот град Москва после летниот период, според АФП.
Градоначалникот на Москва денеска објави дека работата од дома, задолжителната вакцинација за вработените и другите ограничувачки мерки во борбата против пандемијата повторно, ќе започнат следната недела.
Властите во главниот град на Русија наредија задолжителна вакцинација за 80 проценти од вработените во услужниот сектор, наспроти сегашните 60 проценти до 1 јануари 2022 година, се вели во пораката објавена на порталот на градоначалникот Сергеј Собјанин.
Исто така, се наложува затворање на сите невакцинирани лица над 60 години од 25 октомври до 25 февруари и онлајн работа за „најмалку 30 проценти“ од вработените во компаниите.
„Свесен сум колку се непријатни овие ограничувања, но едноставно нема друг начин да ве заштитиме од сериозната зараза. Ве молам, вакцинирајте се. На тој начин ќе го заштитите вашето здравје и ќе можете да продолжите со вообичаениот начин на живот“, истакнува Собјанин.
Рекорден број на инфекции и смртни случаи се регистрирани во Русија во последните денови. Денеска се регистрирани 33.740 нови инфекции со коронавирус и 1.015 смртни случаи.