Граѓанската асоцијација МОСТ со интерес го следи процесот на проверка на Избирачкиот список и имајќи ги предвид сите прашања и дилеми кои се појавија во јавноста и на денешната прес-конференција ги презентираше неопходните чекори за негово ефикасно прочистување.

Овој состав на ДИК произлезе од Договорот од Пржино и не е одговорен за моменталната состојба на Избирачкиот список. Состојбата е резултат на непостоење на функционален систем за неговото ажурирање, односно за начинот на водење на базите на податоци на институциите од кои тој се генерира.

DSC_3574

Ги поздравуваме огромните напори на ДИК да ја спроведе теренската проверка во вака предизвикувачки краток период, но напоменуваме дека најважен е квалитетот на процесот, а не датумот кога истиот треба да заврши.

Моментална состојба и постоечки законски решенија

Врз база на резултатите од вкрстените проверки на податоците во Избирачкиот список, според одлуките на ДИК, во моментов паралелно се спроведуваат два процеси – административна проверка на неконзистентните записи во МВР и Управата за водење на матични книги, како и теренска проверка на втора група неконзистентни записи од страна на ДИК.

Предвидена временска рамка за административна процедура за чистење на ИС по теренската проверка на ДИК за поништување на Личните карти
МЕСЕЦ ЧИСТЕЊЕ НА ИС СПОРЕД МОМЕНТАЛНИТЕ ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ЧИСТЕЊЕ НА ИС СПОРЕД ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА
Март РЕШАВАЊЕ НА НЕПРАВИЛНОСТИТЕ ОД ТЕРЕНСКАТА ПРОВЕРКА
Резултати –> Управна постапка за X податоци
Донесување решение за поништувањемин 1 – макс 30 дена
РЕШАВАЊЕ НА НЕПРАВИЛНОСТИТЕ ОД ТЕРЕНСКАТА ПРОВЕРКА
Резултати –> Управна постапка за X податоци
Донесување решение за поништувањемин 1 – макс 30 дена
МВР и ДИК започнуваат со проверка
Април
7ми Распуштање на Парламентот
8
ми Распишување на Изборите
9
ти МВР ја доставува базата до ДИК18ти ИС се става на јавен увид
ПРОЦЕС НА ДОСТАВА  (ДО ГРАЃАНИТЕ) ПРОЦЕС НА ДОСТАВА  (ДО ГРАЃАНИТЕ)
1. Обид за лична достава  – Максимум 7 дена
2. Обид за достава по пошта – Максимум 7 дена
3. Јавно огласување макс. 3-5 дена
4. Објавување на решението за поништување во Службен весник
Вкупно максимум 20 дена
1. Обид за лична достава – 3 дена
2. Обид за достава по пошта (препорачано) – 5 дена
3. Јавно огласување и објавување во Службен весник2 и 3  треба да се одвиваат истовремено

Вкупно предвидено време 10 дена

 

Мај ПРОЦЕС НА ПОДНЕСУВАЊЕ ЖАЛБИ
16ти Официјален почеток на кампањата26ти ДИК го потпишува ИС 1. Рок за поднесување жалби е 3 дена по уредната  достава
2. Државна комисија одлучува по жалбата во рок од 7 дена по приемот на жалбата3. Државна комисија ја доставува одлуката по жалбата во рок од 5 дена

Вкупно предвидено време: мин 15 дена

Јуни ПРОЦЕС НА ПОДНЕСУВАЊЕ ЖАЛБИ ОПЦИОНАЛНО, НО И ВЕРОЈАТНО ДА СЕ СЛУЧИ
5ти Изборен ден 1. Краен рок 15 дена од официјалното поднесување на жалбата
2. Државна комисија одлучува по жалбата во рок од 2 месеци
3. Процес на достава 5 – 10 денаВкупно: 3 месеци
Поднесување на тужба до Управниот суд во рок од 3 дена по доставата на решението
Јули
Август
Септември
Октомври
Ноември
Декември
ОПЦИОНАЛНО, НО И ВЕРОЈАТНО ДА СЕ СЛУЧИ ПРОЦЕДУРА ВО УПРАВНИОТ И ВИШИОТ УПРАВЕН СУД
Поднесување тужба до Управниот суд во рок од 30 дена од доставата на решението Најбрз предвиден рок 30 – 40 дена вклучувајќи го и процесот на жалба
ВКУПНО ВРЕМЕТРАЕЊЕ: околу 70 дена
2017 ПРОЦЕДУРА ВО УПРАВНИОТ И ВИШИОТ УПРАВЕН СУД  
од 6 месеци до 1 година вклучувајќи го рокот на Вишиот управен суд
Јануари
Февруари
Март
Април
ВКУПНО ВРЕМЕТРАЕЊЕ: 1 – 1/2 ГОДИНА

 

Целта на двете проверки е да добиеме прочистен избирачки список во којшто сите граѓани ќе имаат доверба. Во изминатиот период неколку пати изјавивме дека за да се прецизира и забрза постапката за бришење на евентуалните спорни гласачи во Избирачкиот список потребно ќе биде да се направат измени на неколку закони. Во продолжение ќе дадеме осврт на процесите на проверка на Избирачкиот список и на постоечките законски одредби, со цел подобро да ја информираме јавноста.

Врз база на резултатите од теренските проверки, ДИК на МВР треба да му достави список на гласачи за кои постои сомнеж дека не треба да бидат запишани во Избирачкиот список. По ова, МВР ќе треба да започне постапки за поништување на решенијата за издавање на лична карта и живеалиште за оние лица за кои МВР ќе утврди дека незаконски се стекнале со живеалиште и лична карта.

DSC_3627

Моменталните законски одредби предвидуваат долги рокови и не овозможуваат завршување на овие постапки во вака краток временски период.

Имено, доколку МВР утврди дека постојат незаконитости во постапката за пријавување на живеалиште носи решение за поништување на живеалиштето. Врз основа на ваквото решение, МВР покренува постапка и донесува решение за поништување на личната карта. По донесувањето, решението треба во рок од 7 дена да го достави до странката, на адресата наведена на личната карта. Доколку МВР не успее да изврши лична достава, се прави достава по пошта и се остава рок од 7 дена за граѓанинот да одговори. Доколку живеалиштето на граѓанинот е непознато, МВР го огласува решението во два последователни броја од еден дневен весник, а потоа и во Службен весник на РМ, по што се смета дека граѓанинот е уредно известен.

Доколку граѓанинот не биде пронајден после сите овие обиди, МВР е должно да му додели законски застапник на кого му го доставува решението за поништување по што почнува да тече рокот за жалба од 15 дена. Ако во овој рок не е поднесена жалба, МВР го прогласува решението за конечно и извршно.

Доколку граѓанинот е пронајден, тој има рок од 15 дена од денот на прием на решението да поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, која има рок од 60 дена да одлучи по жалбата.

Граѓанинот има право во рок од 30 дена да поднесе тужба против одлуката на комисијата пред Управниот суд. Законот не предвидува рок во кој Управниот суд донесува пресуда по тужбата. По донесувањето на пресудата, граѓанинот има право на жалба до Вишиот управен суд, но и тука законот не предвидува рокови ниту за поднесување, ниту за одлучување по жалбата.

Заклучок: Согласно постоечките законски одредби, потребни се околу 20 дена за завршување на постапката за поништување на лична карта и живеалиште, а доколку граѓанинот поднесе жалба и потоа поведе управен спор, процедурата може да се пролонгира и на повеќе од 1 година. Во овие рокови не е пресметано времето кое претходно ќе му биде потребно на МВР да ги изврши административните и теренските проверки на овие гласачи за да констатира дали може да се покрене постапка за поништување на живеалиштето и личната карта.

Неопходни законски измени

Поради ваквата ситуација МОСТ предложи измени на неколку закони што ќе ги прецизираат и забрзаат овие постапки. Сметаме дека 14-годишното домашно и меѓународно искуство во набљудување на изборите, како и активното учество во работните групи за Изборниот законик и Избирачкиот список ни дава потполно право да го направиме тоа. Така, во изминатиот период напорно работевме на подготвување на измени на следните 4 закони: Законот за живеалиште и престојувалиште, Законот за лична карта, Законот за општа управна постапка и Законот за управни спорови. При подготвувањето на овие измени извршивме и консултации со министрите за правда и внатрешни работи чии министерства се надлежни за овие закони.

Со измената на Законот за живеалиште и престојувалиште предлагаме да се допрецизира вршењето на контролата на пријавувањето и одјавувањето на живеалиштето на граѓаните од страна на МВР, како и поништувањето на живеалиштето на граѓанинот кога ќе се утврди дека граѓанинот не живее во пријавеното живеалиште.

Со измената на Законот за лична карта предлагаме личната карта да се поништи во случај кога е донесено решение за поништување на живеалиштето. Имајќи предвид дека со личната карта меѓу другото се докажува и живеалиштето, личната карта на граѓанинот на кого му било поништено живеалиштето не би содржела валидни информации, поради што истата ќе треба да се поништи.

Со измените на Законот за општа управна постапка предлагаме скратување на роковите за доставување на решение и поднесување на жалба против решение, како и на рокот за донесување на решение по жалба.

Со измените на Законот за управни спорови исто така предлагаме скратување на роковите за поднесување на тужба и за доставување на одговор од тужената странка, како и воведување на рокови за донесување на пресуда по тужба од страна на Управниот суд и поднесување на жалба по тужба и решавање по жалба од страна на Вишиот управен суд.

Заклучок: Во измените на законите за општа управна постапка и управни спорови, во делот за преодни и завршни одредби ќе се прецизира дека скратените рокови ќе се применуваат само на постапките за пријавување на живеалиште и добивање на лична карта и само за следните парламентарни избори.

Со вака скратени рокови, целата процедура за бришење на евентуалните спорни избирачи од Избирачкиот список би се скратила на околу 70 дена. Во овие 70 дена не е пресметано времето кое претходно ќе му биде потребно на МВР за да ги изврши административните и теренските проверки на овие гласачи за да констатира дали може да покрене постапка за поништување на живеалиштето и личната карта.

Апелираме до сите надлежни институции и соодветните министерства, а особено до Собранието на РМ како носител на законодавната власт, да ги разгледаат овие предлог-закони. Дополнително им стоиме на располагање на сите засегнати страни за понатамошни консултации. Доколку не се донесат вакви измени, 4-те најголеми политички партии ќе треба консензуално да решат како ќе се третираат оние граѓани за кои ќе започнат постапки за поништување на личната карта и живеалиштето, кои нема да можат навремено да се завршат.

Дополнителни предизвици во врска со Избирачкиот список

Кратки рокови за подготовка на Избирачкиот список за јавен увид

Собранието, според досега договореното, треба да се распушти на 7-ми април, а изборите може да бидат распишани истиот ден или неколку дена подоцна. Еден ден по распишувањето на изборите МВР на ДИК треба да му ги достави податоците за Избирачкиот список којшто ќе биде ставен на јавен увид. ДИК потоа во соработка со Државниот завод за статистика го подготвува Избирачкиот список за јавен увид, кој започнува 10 дена по распишувањето на изборите.

Земајќи ја предвид динамиката на спроведувањето на теренската проверка, резултатите кои ќе произлезат од административната проверка, како и траењето на постапката за бришење на избирачите, може да се очекува дека бришењето на евентуалните спорни гласачи од Избирачкиот список ќе се спроведува и во периодот помеѓу распишувањето на изборите и ставањето на списокот на јавен увид. Јавниот увид треба да започне дури откако ќе завршат постапките за бришење на евентуалните спорни избирачи од Избирачкиот список.

Апелираме до сите засегнати страни, институции и политички партии да најдат начин како ќе го надминат и овој предизвик.

Отстапување на бројот на гласачи по изборни единици

На вчерашната седница ДИК утврди дека изборните единици 3, 4 и 6 веќе го надминуваат законското отстапување од најмногу минус 5% до плус 5% во однос на просечниот број на избирачи по изборна единица. Ова отстапување може и да се промени по евентуалното бришење на одреден број на избирачи од Избирачкиот список. Доколку Собранието се распушти пред да заврши процесот на бришење на избирачите, ќе настане правен вакуум, па поради тоа потребно е да се измени Изборниот законик со што ќе се дорегулира оваа ситуација. На пример, прекројувањето на изборните единици да може да го направи и самата ДИК, без да има потреба тоа да се менува во Изборниот законик.
Прекршување на Изборниот законик

Во текот на вчерашниот ден Дирекцијата за заштита на лични податоци до ДИК достави 2 решенија во врска со податоците од Избирачкиот список.

Првото решение на Дирекцијата за отстранување на списокот со 89.000 неконзистентни записи е позитивно, имајќи предвид дека ДИК го објави списокот без да има законска основа за тоа. Дополнително, со поврзување на четирите достапни податоци за избирачите (име, презиме, адреса и датум на раѓање) станува многу полесно да се открие идентитетот на одредено лице, што во секој случај претставува нарушување на приватноста и во одредени случаи може да се злоупотреби.

Второто решение на Дирекцијата со кое се забранува преку одредена адреса да се прикажуваат личните податоци на сите избирачи на таа адреса не е во согласност со новата одредба во Изборниот законик, која изречно ја задолжува ДИК да го објави Избирачкиот список со податоци за името, презимето и адресата на избирачите. Ваквото решение е уште повеќе спорно имајќи предвид дека на 8-ми март Дирекцијата изјави дека објавувањето на адресите на гласачите е во согласност со Законот за заштита на личните податоци. Во оваа насока ја поздравуваме одлуката на ДИК да поведе управен спор против ова решение на Дирекцијата.

Доколку изборите се одржат без да биде објавен Избирачкиот список во формата пропишана со Изборниот законик и во која првично беше објавен, граѓаните воопшто нема да имаат доверба, ниту во Избирачкиот список, ниту пак во изборниот процес.

Неконзистентност во одлучувањето на ДИК

ДИК донесе одлука да не постапува по 124.072 неконзистентни записи идентификувани со еден од тестовите за вкрстени проверки. Ваквата одлука е во спротивност со член 9 од Методологијата за водење и ажурирање на Избирачкиот список кој предвидува дека сите сомнителни записи ќе бидат предмет на дополнителни појаснувања и проверки на еден од следните начини:
 со МВР;
 со државните институции кои располагаат со податоци за граѓаните;
 преку контакт со лицата чии записи се сомнителни и
 по потреба со теренска проверка.

Апелираме до ДИК да ја преиспита ваквата одлука.

Генерален заклучок: На крај, повторно апелираме до сите надлежни институции и политички партии да ги земат предвид предложените законски измени, како и дополнителните предизвици во врска со Избирачкиот список и консензуално да одлучат како ќе постапат по сите овие прашања.

Предлозите треба да им служат како појдовна основа за надминување на овие предизвици со цел во дадените временски рокови да се придонесе за квалитетно прочистување на Избирачкиот список.

На крај, повторно упатуваме апел до граѓаните да пријават било какви неправилности во Избирачкиот список на бесплатната телефонска линија 080 080 080 и со тоа да бидат активни учесници во неговото прочистување.

Слични содржини