Може ли ново СЈО со странски експерти да го реши проблемот со корупцијата? „Заробената држава е приказна затворена до пола, треба волја и решение“

од Nikola Popovski
773 прегледи

Ново Специјално јавно обвинителство или нова институција со домашни и странски експерти за борба против корупцијата? Ваква дилема се поставува после синоќешното барање на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за странска помош во борбата против најсериозен проблем во земјата. Смета дека само така ќе имаме кредибилен процес. -Побаравме да има експерти од страна на меѓународната заедница, правни експерти кои што би ни помогнале во овој процес. Борбата против корупцијата не е лесна, доколку нема одржливо партнерство меѓу политичките партии. Јас сум кажал дека не се сите ангели во ДУИ но јас имам политички органи, немам јас обвинителски органи. За да биде процесот кредибилен бараме меѓународната заедница да прати, меѓународни експерти за да стане доверлив процесот, рече синоќа Ахмети од седиштетот на неговата партија. Истакна и дека нема проблем истрагата да почне од него, па да продолжи кон другите членови на ДУИ. На иста линија е и шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, кој вчера порача дека губи надеж дека можеме сами да се справиме со проблемите во судството и единственото решение го гледа во отворање на Поглавјата 23 и 24 и директни вклучување на ЕУ во тој дел.

Ардиан Демири

Дали би помогнала странска помош, поразговаравме со политичкиот коментатор и правник, Ардиан Демири. Во разговор за „Локално“ вели дека е очигледно дека нашиот правосуден систем и истражни органи немаат капацитет да се борат со феноменот кој зема драматични размери во државата.

-Мора да се стави крај на лакрдијата. За мене лично, одамна ми е познат впечатокот дека ние како систем немаме капацитети и без помош однадвор, ова не можеме да го решиме проблемот. Го јаде и исцрпува општеството и нашите граѓани. Сепак господинот Ахмети и ДУИ немаат никаков кредибилитет да зборуваат со проблемот за корупцијата и решенија бидејќи тој и неговата партија во последните 20 години се најголемите виновници за ваквата состојба во превосудниот систем, преку тоталната контрола како структура во судството и обвинителството, истакнува Демири.

Лично вели дека е формирање тела и институции кои што би биле комбинирани со домашни и странски експерти и би дале некое решение.

-Треба да имаат волја да го спроведат законот до крај и оние кои што се огрешиле пред законот да си одговараат како што налагаат законот и правилата, ни рече Демири.

Соговорникот е дециден дека заробената држава до пола ни е затворена приказна и застаната е со СЈО во 2015 година.

-Тоа што сме махери и мајстори за уништување на добронамерна институција е добро прашање. Нас ни треба нешто ново. Се гледа од Месечина дека овој правосуден систем нема капацитети да се справи голем и сериозен проблем како што е корупцијата, која што е ендемична. Немаш ваков тип на криминал на друго место. Очигледно и сум за да имаме институција, налик на СЈО, со меѓународни и домашни експерти, заклучува Демири.

СЈО беше формирано за да се справи со организираниот криминал во државата и да расветни многу криминални настани и случувања во периодот од 2005 до 2015 година. Голем дел од граѓаните го гледаа како излез од селективната правда и корупцијата во правосудниот систем. Сепак, судските процеси беа бавни и траеа и траат со години. Крајот на СЈО дојде побрзо од очекуваното, а падот на шефицата Катица Јанева која беше фатена во криминал затекна многумина. Таа доби седум години затвор, а голем дел од тие што ги гонеше имаат застарени дела или се уште трае судскиот процес против нив.

Н.П.

Слични содржини