Може ли Путин да го копира моделот на Казахстан?

од Vladimir Zorba
111 прегледи

Остарениот лидер се повлекува од претседателската функција, но ја задржува цврсто својата власт. За многумина во Кремљ, оркестрираните настани во соседен Казахстан се модел кој може да го разгледа и рускиот претседател Владимир Путин.

За разлика од својот казахстански колега, Нурсултан Назарбаев сепак никој не е сигурен дека Путин ќе успее да оствари промена на власта, без да предизвика дестабилизирачки внатрешни борби меѓу ривалските кампови во Кремљ, кои во моментов се контролирани од неговото управување. Политичките и личните ризици за Путин се високи, истакнува „Блумберг“ во свој материјал.

Транзиција слична на онаа што се води во Казахстан, активно се дискутира во Москва, вели Андреј Кољадин, поранешен претставник на администрацијата на претседателот, кој сега работи како политички советник во Кремљ.

„Сценариото на Назарбаев може да одговара на политичката елита, која сака да има арбитар, за да може да влијае на процесот, откако наследникот ќе ја преземе власта“, вели тој.

Одлуката на 78-годишниот Назарбаев да му го предаде претседателскиот пост на доверлив сојузник, истовремено задржувајќи ги клучните овластувања во безбедносниот совет на земјата и останувајќи доживотен лидер на нацијата, донесе олеснување.

Од своја страна, 66-годишниот Путин минатата година освои четврти и веројатно последен мандат како претседател со рекордни 77 отсто од гласовите. Тој успеа да ја разбие политичката опозиција и да ја централизира моќта околу него, станувајќи толку моќен играч на политичката сцена, што е тешко на многумина да го именуваат неговиот наследник.

Досега, рускиот претседател, чиј мандат завршува во 2024 година, сé уште не определил наследник, иако во неколку наврати изјавил дека нема намера да го промени уставот на земјата за да остане на власт подолго.

Претставниците на владејачката елита инсистираат на тоа рускиот лидер да остане како претседател колку што е можно подолго, изјавија тројца блиски до Кремљ. Меѓу разгледуваните опции се притисокот за повторно обединување со соседна Белорусија, создавајќи нова држава, откако на тој начин ќе се заобиколи ограничувањето на мандатите. Според запознаени извори, сè уште нема консензус за пренесување на власта.

Но, дури и ако тој ја задржи својата позиција, „Путин не може да остане засекогаш – тој е смртник“, вели социологот Олга Круштановскаја.

„Ако тој не го подготви теренот за наследник, тогаш ова (транзицијата на власта) ќе заврши лошо. Сите ќе се „фатат за гуша“, вели таа.

Кремљ ќе следи колку контрола ќе има Назарбаев во Казахстан и како власта се дистрибуира под новото раководство, вели Александар Баунов од Московскиот центар „Карнеги“. Според неговите зборови, Русија и Казахстан имаат „слична економска структура и еден вид авторитаризам“.

Сепак, сé уште има сомневања дека руските ривалски политички елити ќе продолжат да ја почитуваат моќта на Путин, ако тој ја предаде власта на некој друг, вели Сергеј Маркол, политички советник во Кремљ. И додека Казахстанците може и да го остават Назарбаев да биде „ментор“ на земјата, во случајот на Путин, ако тој замине, „тој ќе се соочи со директен предизвик“, рече тој.

Меѓутоа, не сите, сепак, се согласуваат со тоа да се тргне по примерот на Казахстан. Невозможно е да се повтори стратегијата на Назарбаев, бидејќи рускиот политички систем е многу посложен, вели московскиот политички експерт Аркадиј Дубнов.

Во Казахстан, најголемата ќерка на Назарбаев – Дарига, беше назначена за претседател на Сенатот во земјата, кое ја прави првиот наследник на претседателот според уставот – пример, кој Путин најверојатно нема да го следи со своите ќерки.

Круштеновска вели дека отпорот на Белорусија да биде „проголтана“ од Русија, исто така, ќе биде пречка да се спроведе планот за создавање на нова држава.

Путин, кој е руски лидер кој најдолго управувал по советскиот диктатор Јосиф Сталин, ќе мора да се соочи со зголемени тензии за да го зачува своето наследство. Поранешниот агент на КГБ може да биде притиснат помеѓу неговата желба да се држи до законот, отворајќи го патот за наследник, и предизвикот да ја задржи контролата врз системот за политичка моќ, која тој ја „пегла“ веќе речиси две децении.

„Путин може само да му завидува на Назарбаев“, вели Дубнов. „Тоа нема да профункционира со него“, додава тој.