Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски демантира дека има вработувања по партиски списоци, ниту ќе има таква работа додека тој е на функцијата. Вели дека добро е да се вработуваат луѓе кои што ќе одговарат соодветно на тие работни места. Смета дека не треба да се дискутира за партиски или етнички клучеви.
-Ќе направиме Закон за правична застапеност бидејќи овој што го направија претходните, Уставен суд го поништи. Бадинтерот е уставна категорија. Ние мораме да го усогласиме законодавството согласно уставната категорија. Може некој да си прави списоци, но, додека јас сум премиер, таква работа нема да се случи, кажа премиерот по караницата на партиите по изјавата на вицепремиерот Изет Меџити дека се планира вработување на 2 до 3 илјади Албанци во администрацијата.
Опозициската СДСМ во ова гледа обид за вдомување на неквалитетен кадар во институциите и повика Антикорупциската комисија да го истражи случајот. Демократското движење, чиј претседател е Меџити, организираше тренинг за млади политичари на кој се запознаваа со институциите, законите и државните процедури. Иако најавен, Меџити не се дојде на прес конференцијата, а неговиот сопартиец рече дека на политички прашања ќе одговараат друг ден. Од ВМРО-ДПМНЕ велат оти ќе нема масовни вработувања по етнички клуч, а ако се пополнуваат празните места во администрацијата тоа ќе биде во согласност со пописот и реалните потреби на институциите.