Можe, но под нови услови: Како ќе изгледа враќањето на странските компании во Русија?

од Nikola Popovski
26 прегледи

Русија ќе носи одлуки за враќање на странските брендови и компании на рускиот пазар земајќи ги предвид интересите на рускиот бизнис, а условите под кои западните компании ќе се вратат ќе бидат различни од претходно, изјави рускиот министер за економски развој, Максим Решетников.

Како што рече, заминувањето на странските компании отвори неверојатни можности за руските компании, како и за фирмите од пријателските земји.

„Тие компании целосно ја искористија ситуацијата. Дополнително, благодарение на програмите за државна помош, вклучително и во малиот и средниот бизнис сектор, руските компании успеаја за кратко време да ги пополнат сите празнини и да ја зголемат понудата на стоки и услуги“, посочил тој.

Решетников изјавил и дека руските компании направиле огромни инвестиции за да го пополнат просторот кој останал празен по заминувањето на странските компании.

„Сега е многу важно да се осигураме дека овие инвестиции ќе се исплатат“, нагласил тој.

Во исто време, рускиот министер порачал дека е важно да се земат предвид потребите на клиентите и корисниците на услуги, да се одржи нивото на цените на пазарот и да се обезбеди фер конкуренција.

„Во таа смисла, рускиот пазар ќе остане отворен. Сите одлуки ќе се носат поединечно, земајќи ги предвид сите фактори. Очигледно е дека руската економија е променета, затоа сите услови за доаѓање на странски компании, без разлика дали се работи за локализација, инвестиции или технологии, ќе бидат сосема поинакви“, заклучил Решетников.

Слични содржини