МПЦ-ОА: Документот на СПЦ, надеж за скоро издавање на томос од вселенскиот патријарх

од Берта Китинска
251 прегледи

Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија изразува благодарност до Српската православна црква, поради заокружување на процесот на помирување, со вчерашното издавање на официјален документ, кој, како што наведува е своевидна препорака со која МПЦ се претставува како подготвена и достојна за автокефалност.

„Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Му благодари на Милостивиот Бог, а воедно и на сестринската Српска Православна Црква (СПЦ) за снисходливоста и покажаната љубов за помирување и за навремено и брзо решавање на меѓусебниот однос и административните аспекти, што произлезе како насока од страна на Великата Христова Црква во Константинопол и со актот за враќање во канонско единство на Охридската Архиепископија и со сите досегашни напори. Овој процес меѓу двете Цркви беше заокружен вчера во Белград, како меѓусебно решение, со издавањето на официјален документ, како своевидна препорака со која нашата света Црква се претставува како подготвена и достојна за автокефалност“, се наведува во соопштението објавено од Кабинетот на на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Оттаму информираат дека во наредниот период, при официјалната посета на Фанар за Педесетница, Вселенската патријаршија ќе биде известена за решението на СПЦ.

„ Изразуваме полноцрковна надеж, во блиска иднина да се пристапи кон финализирање на нашето црковно прашање и со издавање на општопризнат Томос од страна на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, согласно неговите законски и историски принадлежности“, се нагласува во соопштението.

Слични содржини