МТСП: Исплатата на финансиската поддршка за ранливи категории ќе се изврши на 13 февруари

од Radmila Tasevska
186 прегледи

Министерството за труд и социјална политика, ги известува граѓаните дека паричните средства за корисници на финансиска поддршка за справување со енергетската криза, ќе бидат исплатени на 13.02.2023 година.

Списокот на корисници на паричните средства за финансиска поддршка за справување со енергетската криза ќе се објави на 6-ти февруари 2023 година и тоа:

На веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика (корисници на правото на социјална сигурност на стари на лица, посебен додаток, надоместок заради попреченост, корисници на надоместок за помош и нега од друго лице со трајни промени во здравствената состојба без потреба од контролен преглед и не користат право на надоместок заради попреченост, како и самохраните родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош)

На веб-страницата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (корисници на пензија во висина не поголема од 11.525 денари месечно, односно во висина не поголема од 14.000 денари месечно, како и корисници на право на надоместок за телесно оштетување)

На веб-страницата на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (невработени лица – корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок).

Списокот се објавува со цел граѓаните да можат да извршат проверка, а доколку лицето не е на списокот, а смета дека ги исполнува условите како корисник на право, може да поднесе приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка при Министерството за труд и социјална политика, во рок од три дена од денот на објавувањето на списоците на корисници на финансиската поддршка.

Приговорот може да се поднесе преку архивата на Министерството за труд и социјална политика или преку електронската пошта [email protected].

Списокот на корисници на паричните средства за финансиска поддршка за справување со енергетската криза, ќе биде отстранет од веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика, веб-страницата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и веб-страницата на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, по истекот на три дена од денот на објавувањето.

Слични содржини