Дури кога претседателот Барак Обама ќе испрати американски војници повторно во Ирак и и нареди на војската да остане во Авганистан, тој тврдеше дека во Сирија нема да се праќаат американски копнени сили. Еве, сега тој ја премина сопствената црвена линија.
Изјавата на Обама во петокот дека испраќа до 50 војници од силите за специјални операции во Северна Сирија за помош на борбата против групата “Исламска држава”, е од оние постепени потези кои го карактеризираат вториот мандат во неговата блискоисточна стратегија.
Военното присуство на САД во регионот непречено расте, но со мали чекори, за да бидат сигурни Американците дека Обама не ја фрла земјата во нова голема војна со нејасен излез.
Оваа стратегија може да се олесни со нивното враќање кон реалноста на војната, но експерти и некои од политичките сојузници на Обама велат дека тоа бавно распоредување на силите може да се покаже како недоволно за уништувањето на брзо напреднатите екстремисти.
“Распоредувањето на неколкумина командоси од американските специјалците во Сирија нема да ја промени значително ситуацијата. Тоа е нешто како ханзапласт (врз раната)”, изјави Фредерик Хоф, поранешен специјален советник на Обама за Сирија.
А според сенаторот од Хаваите Брајан Шац оваа последователна ескалација “е малку веројатно да придонесе за остварување на нашата цел – да кршење на ИД. Наместо тоа настанува закана САД да бидат вовлечени во сириската граѓанска војна.”
Воената кампања против ИД на никаков начин не се приближува до степенот на војните во Ирак и Авганистан. Обама повеќепати ја користи скапата и непопуларна војна во Ирак како пример што се обидува да избегне. Но, во овој случај не бројот, туку местото го зголемува значењето на неговото решение за Сирија. За првпат САД отворено испраќаат војници во Сирија, проширувајќи го географскиот опсег на воените обврски на Обама на Блискиот Исток.
Со години претседателот вели дека Сирија е токму оној случај, од кој тој беше избран да ја заштити американската воена машина. Вашингтон нема партнери во сириската влада, малку му се и опциите меѓу опозициските лидери. Недостасува копнена сила, која САД можат брзо да ја обучуваат.
Кризата сепак стана неизбежна за Обама, особено откако САД влегоа во Ирак. Една граѓанска војна за која Обама некогаш сметаше дека Сиријците ќе ја решат сами, сега се заканува да го покрие целиот регион.
Првиот потег на претседателот беше да испрати неколку стотици американски војници во Ирак да обучуваат и да помагаат на локалните сили, борејќи се против ИД. Тоа значеше враќање на американските војници во Ирак по повлекувањето во 2011 година, со што Обама го исполни своето предизборно ветување да стави крај на војната наследена од претседателот Џорџ Буш помладиот.
Но во текот на изминатата година бројот на американските војници во Ирак се искачи до околу 3300. САД почнаа и воздушни напади против ИД во Ирак и Сирија. Иако уништија околу 12 000 екстремисти, воздушните напади не ги ублажија значително способностите на ИД да контролира територии. Странски и други војници ги пополнија редовите на групата. Обама се надеваше дека една копнена сила, обучена од Американците некаде на друго место во регионот, ќе ги додаде ударите во Сирија. Но програмата за обучување и вооружување (на таква сила) пропадна и Обама ја напушти оваа есен.
На нејзино место доаѓа распоредувањето на новите американски војници во Сирија. Решението му овозможува на Обама, под притисок од Пентагон и од меѓународните партнери, да постигне напредок во борбата против ИД и да објасни дека се обидува со нови начини за справување со кризата. Белата куќа тврди дека Обама не отстапува од ветувањето да не испраќа американски војници во Сирија, бидејќи новото воено присуство таму било минимално.
Но, некои сметаат дека Белата куќа е повеќе загрижена за тоа дали ќе го почитува политичкото ветување отколку да преземе значајни чекори за решавање на кризата. “Војната не соочува со суровата реалност дека ако сакаш да постигнеш некаков резултат, треба да присуствуваш (на бојното поле)”, изјави Џери Хендрикс, офицер од резерва на флотската авијација и шеф на Програмата за одбранбени стратегии и проценки при Центарот за нова американска безбедност.
Белата куќа не доставила распоред за тоа колку долго ќе останат таму американските сили. Обама вели дека очекува битката против ИД во Ирак и Сирија да продолжи и надвор од неговиот претседателски мандат. Државниот секретар Џон Кери во саботата рече дека не исклучува понатамошно зголемување на американското учество во оваа битка и дека не може да се предвиди иднината.
Само пред две недели Обама рече дека го врти курсот и ги остава американски војници во Авганистан и по Нова година. Тоа значи дека претседателот, кој наследи два воени конфликти, најверојатно ќе му остави три на својот наследник.
