На Редовното генерално Собрание на Фудбалската федерација (ФФМ) на Македонија, претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини истакна дека многу работи во нашата Фудбалска федерација функционираат доста добро, но има и работи што можеме да ги подобриме. Првиот човек на ФФМ посочи дека само резултатот може да ги донесе навивачите на стадион, нагласувајќи ја фаворитската улога на А репрезентацијата во Лига на Нации. Ја потенцираше извонредната соработка со УЕФА и ФИФА и помошта која ја добиваме од нивните програми за развој на фудбалот и спортската инфраструктура.
Муамед Сејдини – претседател на Фудбалска федерација на Македонија:
„Ова за нас, како раководство на Фудбалската федерација на Македонија не е нов почеток, но веројатно е еден од најкомплексните периоди од работата во федерацијата. Одново да им помогнеме на другите да ја видат Фудбалската федерација на Македонија на начин на кој што ја гледаме ние. Модерна и прогресивна.
Се сметам за посветена личност, а односот кон сите обврски во изминатата година даваат оцена и приказ за мојата работа, но и работата на целата федерација.
Сметам дека многу работи во нашата Фудбалска федерација функционираат доста добро, но знам дека има и работи што можеме да ги подобриме. Секако, за јавноста успехот на најдобрата репрезентација е мерило за успех и на федерацијата, но тоа сепак не е единствената обврска за нас. Затоа целта е да бидеме успешни и во другите сегменти за кои ФФМ треба да се грижи, да посветува време и внимание, да обезбедува и распределува средства и се разбира во активностите и проектите да бидат вклучени сите фудбалски региони во државата.
Развојот на инфраструктуата треба да се шири и надвор од Скопје. Токму затоа инвестираме во терени во Дојран, Илинден, Липково, Тетово, Куманово и Радовиш, изградба и реконструкција на соблекувални во Илинден, Липково, Драчево, Свети Николе, Кравари, Велес, Демир Капија, Добридол, Куманово, Кичево и Кочани.
Сите ние во фудбалот сме долги години и на сите нас ни е јасно дека само резултатот може да ги донесе навивачите на стадион. Успехот на терен го зголемува интересот и го враќа угледот на репрезентацијата. Заслужни за тоа се фудбалерите и стручниот штаб. Наша обврска е да им ги обезбедиме сите услови и сигурен сум дека е така. Но, наше е и да се стремиме кон добри резултати, посебно во Лига на нации во група во која објективно сме фаворити. Убеден сум дека истото го мислат и селекторот и стручниот штаб во А селекцијата.
Во рамки на федерацијата, знаете и сите вие, стремежот е секој оддел да има своја автономија. Почнувајќи од натпреварувачката комисија, младинските сектори или Комисијата за женски фудбал, па се до Судиската организација. Тоа значи и поголема одговорност за сите нив. Сите тие сметам дека професионално ја вршат својата работа и поради тоа Федерацијата е брана за сите евентуални удари кон нив.
Она на што особено сум горд се пријателствата и контактите што ги имаме во Европа и Светот. Имаме исклучителен однос со претседателот на УЕФА, Александар Чеферин и со останати влијателни луѓе од УЕФА и ФИФА. Тие знаат дека во ФФМ имаат сигурен партнер за сите идни проекти. Тоа е од взаемна корист. Во година во која одбележуваме три децении од членството во УЕФА, не можевме ниту да сонуваме подобар однос со Европската фудбалска асоцијација.
Тука сме и со кренати глави стоиме пред вас претставувајќи го извештајот за постигнатите резултати согласно планираното. Работиме со континуитет и ќе продолжиме да инвестираме пред се во инфраструктурата. Лигата е интересна и неизвесна, а вложувањата во младинскиот и женскиот фудбал се најголеми во историјата. Извештајот што го имате пред вас најдобро го покажува обемот на активности и проекти на Фубдалската федерација на Македонија.
Од се срце им благодарам на сите вработени во ФФМ, на Вас, делегатите на Собранието и членовите на Управниот одбор, на клубовите, тренерите, фудбалерите, судиите и целиот фудбалски персонал за придонесот во развојот на македонскиот фудбал. За мене, вашиот квалитет и работа ја надминува реалната рамка на државата. Она што заеднички го правиме е над сите очекувања. Потврда за тоа е видеото во кое ги гледаме најголемите инвестиции на ФФМ во изминатиот период. Штип, Велес. Охрид, Чаир, Битола, Чепчиште, Скопје.
Уште еднаш благодарност до сите вас што ја прифаќате основната улога и функција на фудбалот. Да не зближува. Нас луѓето и нациите“