На 29 април, во чест на Денот на македонската дипломатија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, упати посебна честитка преку социјалните мрежи.
Во објавата, министерот потсети на историскиот контекст на македонската дипломатија, која започнала со формирањето на Бирото за односи со странство во 1969 година, како прв институционален облик за управување со надворешната политика.
„Денешниот ден е посветен на дипломатите и сите професионалци вработени во Министерството за надворешни работи, чие незаменливо залагање и висок стандард на работа се одлучувачки за градење на угледот на нашата држава на меѓународната сцена. Тие се клучни за унапредување на нашите билатерални и мултилатерални односи, како и за поддршка и продлабочување на врските со нашата македонска дијаспора“, истакна министерот Муцунски.
Тој додаде дека Денот на македонската дипломатија не само што го слави придонесот на дипломатијата, туку и потсетува на нејзината клучна улога како мост помеѓу народите, чувар на мирот и промотор на глобалната соработка, упатувајќи искрени честитки до сите дипломати и вработени во Министерството за нивниот постојан и вреден труд.