Муцунски: Секој што мисли дека изнаоѓањето решение за конфликтот во Украина може да се постигне без САД има несериозен и неискрен пристап

од Milan1
74 прегледи

„Нашата надворешната политика  се заснова на три константи: Полноправното членство во НАТО и активното учество како кредибилен член на Алијансата, целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и стратешкото партнерство со САД, пред сè и над сè – македонскиот национален интерес“, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Будимпешта каде оствари одвоена билатерална средба со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.

„Сите одлуки донесени во изминатиот период се усогласени со овие принципи и се усогласени со националните интереси. Резолуцијата усвоена од Советот за безбедност на Обединетите Нации е правно обврзувачка и има за цел воспоставување мир. Секако, секој што мисли дека изнаоѓањето решение за конфликт од ваков обем може да се постигне без Соединетите Американски Држави има несериозен и неискрен пристап кон овој конфликт.

Ние сме мала држава која има јасен интерес од мир во регионот, Европа и светот, и така ќе дејствуваме. Секоја одлука што ќе ја носиме ќе биде во рамките на трите постулати на нашата надворешна политика, земајќи го предвид нашиот национален интерес и во консултација со нашите клучни и стратешки партнери“, рече Муцунски.

Дополнително, тој истакна дека со Унгарија споделуваме заеднички вредности и национални интереси, а тоа е мир, просперитет и подобар живот за нашите граѓани.

Министрите Муцунски и Сијарто попладнево во Будимпешта потпишаа акциски план за размена на експертиза од страна на Унгарската дипломатска академија за јавни службеници на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ, процесите на администрацијата на Министерството за надворешни работи и надворешната трговска политика. Ова претставува вовед во унгарско-македонската меѓувладина седница, која завршува утре со прес-конференција на премиерите Христијан Мицкоски и Виктор Орбан.

Слични содржини