Историски гледано, Алкалоид има континуиран раст во изминативе 20 години. Ако во 2005 година, кога јас дојдов на чело на продажните операции на компанијата, имавме продажби од 53 милиони евра, 2023 година ја затвораме со пласмани од над 265 милиони евра, вели генералниот директор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов во интервју за „The Economist“.
Истакнува дека овој петкратен раст не беше воопшто лесен, а во контекст на успешноста, можеби клучните зборови се квалитет, посветеност и напорна работа.
-Целта на Алкалоид е да се диференцира преку знаење и развој на производи со додадена вредност. Во моментов, Алкалоид е компанија на повеќе од 2.800 семејства, а секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива, посочи Мукаетов во интервјуто.
Меѓу другото истакнува дека 2023 година ја заокружиле со над 70% од нивните пласмани наменети за извозните пазари, што се однесува на сума од над 180 милиони евра.