„Во „Алкалоид“ посветеноста, економичноста и ефикасноста ги кренавме на највисоко можно ниво, настојувајќи максимално да ги оптимизираме процесите во компанијата потпирајќи се на нашиот највреден ресурс – ЛУЃЕТО!“, вели во своето обраќање Генералниот директор на Алкалоид, Живко Мукаетов.
„Компанијата и оваа година го продолжи трендот на континуиран годишен раст и реализираше значаен дел од својата ESG-стратегија. Го добивме бронзениот медал од EcoVadis (глобално призната платформа за оцена на одржливоста), со што се позициониравме меѓу водечките субјекти во регионот во поглед на транспарентноста и примената на одржливи практики.
Во 2025 одбележавме 50 години од воведувањето на информатичката технологија, која половина век е клучна поддршка во глобалната експанзија на компанијата. Континуирано инвестираме во нови софтвери и нивна интеграција во процесите, а во некои сегменти започнавме и со користење алатки на вештачката интелигенција.
Покрај континуираното инвестирање во нови технологии, „Алкалоид“ неодамна ја пушти во употреба новата Микробиолошка лабораторија за контрола на квалитетот, со капацитет од приближно дваесет илјади анализи годишно, која ја позиционира компанијата како регионален лидер во фармацевтската микробиологија и во контролата на лекови.
„Алкалоид“ денес е компанија на над 3.000 вработени и на над 6.000 акционери. Огромен број иматели на удели имаат доверба во еден систем, стекната низ турбулентни времиња, но со искрен и чесен пристап, доследност и почит.
Тука и сега работиме со посветеност, градиме и создаваме за генерациите што доаѓаат“, вели тој.