(видео) МУП анализира снимка од надзорна камера: Ја крие ли крагуевачкото „пунто“ судбината на Данка?

„Нова“ шпекулира дека немало причина возило да тргне во правец на периферијата на населбата каде што нема повеќе куќи и смета дека некој намерно морал да дојде до овој дел од населбата.

од Бети Божиноска
377 прегледи

Видеоснимката од надзорната камера на куќа лоцирана во близина на местото на кое завчера исчезна двегодишната Данка Илиќ од Бор која се појави на социјалните мрежи сега веројатно може да се претвори во клучен доказ за исчезнувањето на малото девојче, пренесува Nova.rs.

Откако претрагата на теренот не даде никакви резултати, истрагата сега тргнува во друга насока во која криминалистичката полиција и форензичарите се фокусираат на снимката од куќата која е единствена со видео надзор во селото.

Она што вчера за медиумите го изјави сопственикот на оваа куќа е дека во 13 часот и 10 минути камерата снимила мајка како со своите деца поминува во автомобил, а само пет минути подоцна од спротивна насока поминал и автомобил „пунто“ со крагуевачки регистерски таблички.

Неколку минути подоцна поминал таткото на Данка, а потоа и полицијата.

Она што може да биде пресудно во оваа истрага е од каде дошло возилото со крагуевачки регистарски таблички во оваа населба со оглед на тоа што местото каде што исчезна Данка е многу блиску до куќата во која има видео надзор.

На само неколку стотини метри, патот води до крајот на населбата, каде што се наоѓа езерцето во чија близина исчезна Данка. „Нова“ шпекулира дека немало причина возило да тргне во правец на периферијата на населбата каде што нема повеќе куќи и смета дека некој намерно морал да дојде до овој дел од населбата.

Засега не се знае дали возачот на автомобилот има информации за исчезнувањето на девојчето, или пак го видел девојчето, со оглед на тоа дека времето на нејзиното исчезнување и поминувањето на возилото се поклопуваат.

Во меѓувреме, на местото на исчезнувањето на двегодишното девојче во Бањско Поље кај Бор пристигна багер, кој, како што објасни полицијата на терен, треба да го расчисти просторот околу куќата и да ѝ овозможи на полицијата да продолжи со потрагата. На тоа место се поставени шатори, а има противпожарни и спасувачки единици и силни полициски сили кои го блокираат пристапот до куќата.

Истрагата за исчезнувањето на Данка ја презеле најдобрите специјалци на Одделот за криминалистичка полиција (УКП) во Белград.

„Мајката и таткото на исчезнатото девојче се испрашуваат одвоено, само тоа можам да ви кажам во моментов“, вели извор на порталот „Информер“.

Слични содржини