Генералниот директор на АД МЕПСО, Орган Муртезани и министерот за надворешни работи Бујар Османи остварија работна средба со висока делегација од Република Бугарија на чело со премиерот Кирил Петков. На средбата што се одржа во ТС Битола 2 гостите се запознаа со динамиката и бенефитите од изградбата на 400 kV далекувод како дел од паневропскиот Коридор 8 со кој Република Северна Македонија енергетски ќе се поврзе со Република Албанија .
Изградбата на овој капитален проект е последната алка од реализацијата на енергетскиот коридор исток-запад со што регионот добива нова електроенергетска врска преку која, како што рече директорот Муртезани, произведената електрична енергија во Бугарија и во Северна Македонија ќе може да се извезува во Албанија и Италија по драстично скратени преносни патишта и со помали трошоци од досега.
„Подобрата поврзаност е преодна фаза кон подобра заедничка иднина. Ваквите инвестиции се стратешки приоритет на сите влади затоа што овозможуваат поголема поврзаност меѓу државите долж Коридорот 8, меѓу постојните и идните членки на ЕУ и отвораат поголеми можности за економиите на сите три земји. Северна Македонија е клучниот транзитен центар на Коридорот 8 за поврзување на Јадранското и Црното море. Со ваквите капитални проекти, не само што учествуваме во развојот на регионалниот пазар на електрична енергија и зголемување на капацитетот на обновливите извори на енергија туку стимулираме повеќе инвестиции, ги продлабочуваме добрососедските односи со Бугарија и Албанија и ги потврдуваме заедничките цели и интереси во насока на развој и интеграција на регионот“, рече на денешната средба директорот Муртезани.
Камен темелникот на новиот 400 kV далекувод Битола-Елбасан беше поставен пред речиси два месеца и сега,во стабилизирани временски услови, градежните активности продолжуваат со несмалено темпо. Новиот далекувод е со должина од 97 километри и ќе биде поставен на 260 челично решеткасти столбови.Инвестицијата изнесува 17,22 милиони евра заем од ЕБОР и грант од WBIF.