Еролд Муслиу, директор на Агенцијата за разузнавање, во обраќањето на Конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“, истакна дека еден од најголемите предизвици со кои се соочува Северна Македонија е справувањето со хибридни стратегии кои ги развиваат авторитарните држави: „Примарна цел на овие хибридни стратегии е поттикнување сомнеж во западната безбедносна архитектура предводена од НАТО која ја перцепираат како основна пречка за спроведување на нивните цели и интереси на глобално ниво“, пренесе СМК.
Според Муслиу, „Кинеската пропагандна стратегија за Западен Балкан се фокусира на градење на дискурс преку кој се настојува да се презентира наводна супериорност на алтернативниот модел за економски развој преку соработка со Кина“.
Муслиу истакна дека борбата со дезинформациите не треба да се гледа како загрозување на слободата на говор или цензура: „Борбата со дезинформациите не треба да се гледа како загрозување на слободата на говор или цензура, бидејќи не станува збор за наивно пласирани вести, туку дезинформациските кампањи се државно организиран и насочен процес кој има за цел манипулација со јавното мислење и притисок кон носителите на одлуки“.