МВР со детали за апсењето на Тодоровиќ

од Nikola Popovski
505 прегледи

Министерството за внатрешни работи (МВР) излезе со официјални информации за апсењето на поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ.

-Вчера (29.06.2023) во попладневните часови и во текот на вечерта од страна на полициски службеници од МВР – Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по налог на ОЈО ГОКК, а со наредба на судија на претходна постапка, лишени се од слобода пет лица во врска со чл.273 ст.5 и чл.353 ст.5 од Кривичниот законик. Лицата се приведени и задржани во полициска станица и во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, соопштија од полицијата.

Тодоровиќ пред осум години по истражната постапка што ја спроведе Финансиската полиција, во буџетот врати 436 илјади евра поради тоа што ја оштетил општината за изградба на барокниот мост „Око“, кој е дел од проектот „Скопје 2014“. Сепак тој се уште се гони за злоупотреба на службената положба и перење пари.

Финансиската полиција во 2018 година поднесе кривични пријави и за други двајца вработени во општината – поранешен секретар, и вработен во секторот за градежно уредување. Сите се осомничени за „несовесно вршење на службената должност“ затоа што, како што објасни тогашниот директор Арафат Муареми „не презеле активности да го заштитат буџетот на општина Центар со враќање на платениот аванс и продолжување на рокот на важност на банкарската гаранција поради неквалитетно и ненавремено извршување на работите од страна на изведувачот Конструктор-Инжинеринг АД за градежништво Сплит.

Поради неисполнување на обврските од договорот, Тодоровиќ само го раскинал договорот со овој инвеститор и за довршување на работите, во 2012 година распишал тендер и склучил договор со нов добавувач.

Откако склучиле договорот во висина од 92.546.647,00 денари за јавна набавка на работи- изградба на пешачки мост од страна на Општина Центар како инвеститор од една и изведувачот на градежните работи од друга страна, склучен е и Анекс на договорот за јавна набавка со што вредноста на договорот се зголемила на износ од 119.197.783,00 денари.

„Првоосомичениот како извршен орган на општината и потписник на Договорот за јавни набавки и Анекс договорот за јавна набавка, заедно со второосомничениот како потписник на барањата за исплата кој имал обврска да ја проверува документацијата и со тоа да го следи степенот на реализација на проектот и третоосомничениот како овластено одговорно лице за следење на текот на изведбата на проектот согласно договорот, не ги запазиле законските одредби од чл.48 ст.5 и 6 од Законот за јавни набавки. Осомничените согласно своите надлежности не презеле активности за активирање и наплата на банкарските гаранции депонирани во деловните банки од страна на изведувачот, ниту побарале продолжување на рокот на важност на гаранциите во износ од 8.773.714,00 денари за дадените аванси. Воедно, првоосомничениот согласно склучениот Анекс договор, иако бил обврзан, не го продолжил рокот на важност на банкарската гаранција за навремено и квалитетно извршување на работите во износ од 17.879.710,00 денари, а која гаранција по раскинување на договорот требало да ја активира и наплати во корист на Општина Центар“, стои во соопштението на ЈОРМ од октомври 2018 година.

Слични содржини