Членовите на Студентски парламент, исплашени од заканите на „Студентски пленум“ дека ќе ги блокираат изборите за нов лидер, побарале да им биде обезбедено физичко присуство на полициски припадници пред канцелариите на СПУКМ и на факултетите, како и при транспортот на кутии од факултетите кон канцелариите, информираат од МВР.
Од таму велат дека по затворањето на гласањето, добиле повик дека група студенти пред канцелариите на СПУКМ го попречуваат внесувањето на избирачкиот материјал. Полициски службеници излегле на местото на настанот и откако извршиле разговор со пријавителите си заминале.
Од полицијата велат дека откако бројот на студентите кои се наоѓале пред УКИМ се зголемил на 150, членовите на „Студентски парламент“ повторно побарале обезбедување, затоа што, како што пишува во соопштението на МВР, лицата кои биле пред канцелариите им светеле со ласери и им се заканувале дека доколку излезат, истите ќе ги бојадисаат.
„По пријавата, на местото на настанот, превентивно се распоредени соодветни полициски сили со цел да не дојде до нарушување на јавниот ред и мир и да се овозможи нормално движење на студентите пред и во објектот. Во тој момент пристигнале тројца студенти кои носеле гласачки кутии и од страна на групата на студенти собрани пред објектот биле навредувани со погрдни зборови, им биле упатувани закани и не им било дозволено да влезат во објектот. Полициските службеници превентивно и без употреба на средства за присилба се поставиле пред влезот на објектот, со цел безбедно да влезат тројцата студенти. Кога тројцата студенти со гласачките кутии пристигнале пред вратата на објектот, таму веќе се наоѓале група студенти кои не им дозволувале да влезат во објектот и им ја одзеле едната кутија, при тоа фрлајќи ја на земја почнале да им се закануваат. Дел од студентите кои биле поставени зад полицискиот кордон, пробале да го пробијат, но истите од страна на полициските службеници се задржани на безбедно растојание и преземени се мерки за одалечување на лицата кои се наоѓале пред влезот на објектот“, пишува во соопштението на МВР.
Во соопштението се вели дека околу 23.30 часот, лицата кои биле во канцеларијата, пробале да излезат од задната страна на студентскиот дом, биле пресретнати од поголема група на граѓани кои почнале да им се закануваат и затоа полициските службеници поставиле блокада. Од полицијата информираат дека лицето К.С и уште десеттина студенти се обиделе да излезат од задната страна на објектот, но биле пресретнати од група на студенти, при што К.С. бил вербално навредуван и како што велат од полицијата во еден момент бил удрен со тврд предмет, поради што заедно со останатите студентите се вратил во објектот, а групата се упатила кон нив и ја скршиле задната врата./извор Мета
