Министерството за здравство денес информираше дека во текот на изминатата 2020. година во јавното здравство се вработени 446 нови лица.
Како што се вели во нивното соопштение, примени се 164 доктори, 247 медицински сестри и 35 специјалисти, кои се вработиле на неопределно време.
„Вложувањата во човечки капитал во здравството не застанаа дури ни во време на пандемија. Пандемијата покажа колку се значајни здравствените работници, тие се столбот на нашето здравство. Со нови вработувања и зголемувањата на платите создаваме услови секој млад здравствен работник својата иднина и кариера да ја гледа во својата земја. Се залагаме за подобрување на условите во кои истите работат и ги слушаме нивните потреби. Отворени сме за соработка со младите како никогаш досега“, истакна Филипче.
Исто така, во соопштението од МЗ се вели и дека во изминатите три години се дадени повеќе од 5000 согласности за вработување во јавно-здравствените установи и првпат се платени приватните специјализанти во висина од просечна плата на општ лекар со што тие се изедначуваат со статусот на нивните колеги.
„Во месец септември 2018 година, на 19.123 вработени во јавно-здравствените установи им се зголеми основицата за плата за 5 отсто. Во јануари 2019 година, следеше дополнително зголемување на платите на здравствените работници, доктори, медицински сестри, болничари, техничари. Пет отсто за медицинските сестри, 8 отсто на медицинските сестри на Клиниките и 10 отсто за докторите специјалисти. Во септември 2019 година, за 5 отсто е зголемена платата на администрацијата во здравството. Од февруари 2020 година, платите на лекарите специјалисти се зголемуваат за 25 отсто, додека пак на медицинските сестри за 10 отсто. Кумулативно, заедно со сите зголемувања досега, вклучително и зголемувањата во месец февруари 2020 година, основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40 отсто, на медицинските сестри помеѓу 20 отсто и 23 отсто, на општите лекари за 25 отсто, а на здравствени соработници за 15 осто“, стои во соопштението од ресорното министерство.