Министерството за здравство информира дека во рамки на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ ниту се гради, ниту се планира да се градат станбени градби.
Ова доаѓа како реакција по објавите за наводна изградба на зграда на паркингот кај ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.
Од Министерството велат дека сите градежни интервенциите што се изведуваат во оваа зона се исклучиво поврзани со здравствената дејност и функционалната инфраструктура на јавните здравствени установи.
-Во делот на нашите надлежности, ја уверуваме јавноста дека работењето на Клиниката се одвива непречено и пристапот за пациентите е обезбеден. Министерството за здравство нема надлежност да утврдува урбанистичко-планска документација, да издава одобренија за градење или да определува сопственичко-правен статус на парцели, се вели во соопштението од МЗ.
Како што посочуваат, овие прашања се во надлежност на органите на локалната самоуправа, пред сè Општина Центар, како и на другите институции од областа на урбанизмот и катастарот.