МЗ со реакција на обвинувањата на Милошоски: Постапката за набавка на компјутерски томографи не е завршена

Министерството за здравство соопшти дека спровело постапка за јавна набавка на стоки – компјутерски томографи за потребите на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Гевгелија и ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци, врз основа на претходни добиени барања од наведените установи во кои е образложена потребата за ваков вид опрема.

Ова го истакнуават од МЗ во демант на прес-конференцијата на Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Поради специфичната медицинска опрема, во предметната постапка беа вклучени и стручни надворешни лица од двете установи, кои имаат долгогодишно искуство од оваа област, кои беа задолжени за изготвување на техничките спецификации како дел од тендерската документација, одговарање на стручни прашања во текот на техничкиот дијалог и во текот на постапката, како и да ги евалуираат пристигнатите понуди, во делот на техничките спецификации.

Согласно извештајот доставен од стручните лица, како и врз основа на евалуацијата на останатата документација со која се утврдува способноста на понудувачите, Комисијата за јавни набавки, како што се посочува, со цел ниеден понудувач да не биде ставен во понеповолна положба или неосновано да биде отфрлен од евалација, до сите понудувачи во чии понуди недостасуваше или беше недоволно објаснета документацијата, преку ЕЈСН достави барање за дополнување/појаснување на документацијата. Во законски утврдениот сите понудувачи доставија или дадоа појаснување на бараната документација, која Комисијата ја утврди како валидна и ги оцени понудите на понудувачите како прифатливи, по што истите беа поканети на е-аукција.

Договорниот орган не сомневајќи се во стручноста и објективноста на Бирото за јавни набавки како орган кој е надлежен за изготвување на сите законски одредби од областа на јавните набавки, одлучи да ги прифати забелешките и да постапи според нив. Повторната евалуација на понудите се уште е во тек и од страна на Министерството за здравство нема донесено никаква одлука за избор или поништување, што значи постапката се уште не е завршена, односно е во тек“, стои во дел од реакцијата.

Инаку за потсетување, порано денес, пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, обвини дека набавката за томографија се претвори во нова афера насловена „коруптографија“ на министерот за здравство, Венко Филипче.

„Додека трае драмата за набавка на вакцини, зад завесата се случува уште еден сомнителен тендер овој пат со набавка на томографи за потребите на двете споменати болници Кавадарци и Гевгелија. Она што е драматично воочливо е што се поништува првиот пат јавната набавка на томографи, се елиминира конкуренцијата од преостанатите 7 фирми преку нарачана интервенција на Управата на Бирото за јавни набавки и двете набавки ги добива само една фирма. Разликата е во тоа што првиот пат цената на чинење на тендерите за два томографи е 21 милион денари, а по поништувањето вториот пат тендерот чини со томографите и составните елементи 36 милиони денари. Односно 15 милиони денари повеќе за истите томографи, за истата набавка, но овој пат само со една фирма во игра која што го добива монополот“, рече денеска Милошоски.

Слични содржини