Министерството за животна средина денеска соопшти дека заштитата на животната средина, а особено справување со повеќедеценискиот проблем со лошиот квалитет на амбиенталниот воздух во повеќе градови и населени места во државата е висок приоритет во агендата на Владата .
Преку своето соопштение, од ресорот наведуваат дека со голема посветеност и сериозност, уште пред стартувањето на грејната сезона кога редовно се забележуваат повисоки концентрации на загадувачки супстанции во воздухот, пристапено е кон темелно и прецизно проектирање, развивање и имплементација на решенија за надминување на овој проблем, за кој граѓаните изминативе години покажаа висока загриженост.
-Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање, после 5 години вакум (првата и последна Програма и План се изработени за 2019 година) изработија плански документ „Програма против загадување на воздухот 2024-2030″ во кој се наведени програмските цели и проектни пакети со кои се таргетира намалување на емисијата на цврсти честички во градовите во државата.
Програмата е темелна, прецизна и соодветна на конкретните услови и можности. Таа содржи 8 сегменти и за секој од нив се предвидени и испланирани проекти и што е од особена важност зададен е рок во кој ќе се почне реализацијата, период во кој таа треба да биде завршена, како и одговорни институции кои ќе бидат задолжени да се стигне до очекуваните резултати, тврдат од МЖСПП.
Во соопштението стои дека во Програмскиот пакет се опфатени главните области што влијаат на квалитетот на воздухот: енергетика, индустријата, транспортот, земјоделство и шумарство итн.
-Покрај конкретни активности што опфаќаат делување на широк спектар на детектирани извори на загадување на различни нивоа, предвидени се и потребните законски измени што ќе ја олеснат имплементацијата и контролата. Исто така, предвидена е и поддршка на локалните самоуправи во изработка на потребните локални планови за справување со аерозагадувањето.
Во буџетот за 2025 година предвидено е поставување на уште една мониторинг станица за мерење на квалитетот на воздухот во Штип, со што Државниот мониторинг систем ќе брои 23 стационирани мониторинг станици и една мобилна.
Когенеративни гасни централи, квалитетно огревно дрво, греење без емисија – топлински пумпи, високоефикасни котли, контрола на емисија од домаќинствата, комунална редарска служба – комунална полиција, намалување на емисијата на честички од јавни објекти, државата не загадува – водиме со пример, планирање на идните емисии, институт за квалитет на амбиентален воздух, намалување на емисијата на честички од индустриските процеси, закон за индустриски емисии, инспекциски надзор во животна средина, палење на недозволени горливи материјали, стоп за палење на ниви и стрништа, регионални центри за управување со отпад, зеленило и шуми, стоп за шумски пожари, 40 милиони нови садници, емисии од транспорт, јавна флота без директни емисии – водиме со пример, такси без директни емисии, европски технички преглед за возилата, управување со емисиите, контрола и управување со емисиите, зголемување на капацитетите за мерење, се дел од предвидените проекти што јасно покажуваат дека како никогаш досега посветено и сериозно се работи на решавање на овој повеќедецениски проблем, наведуваат од ресорот предводен од Изет Меџити.
Граѓаните бараат 24 часа да се следи што испуштаат во воздухот големите индустриски капацитети; јавните, државните институции, болниците да престанат да користат мазут за затоплување, да има јавен превоз да се намали сообраќајниот метеж, да се реши проблемот со депониите. Родителите чувствуваат грижа на совест што нивните деца дишат загаден воздух.
„Буџетот е магичното стапче за загадувањето“, „Партиска книшка штити од загадување“, „Од смогот не се гледа иднината“. Со овие пароли скопјани по втор пат излегоа на протестен марш против аерозагадувањето. Маршот започна пред Министерството за животна средина и покрај Собранието и Владата, заврши пред бараките на Град Скопје.
Организаторите на протестот, предводени од „Зелен хуман град“, „О2 иницијатива“, „Независни за Карпош“ и други невладини здруженија, испратија четири барања за сузбивање на аерозагадувањето во Скопје.
Во Македонија годишно од загаден воздух умираат околу 3.400 луѓе, што претставува 17-19% од вкупната смртност. Главни извори на загадување се загревањето на домаќинствата и јавните објекти, сообраќајот и ресуспендираните честички.
Според Светската здравствена организација, загадувањето е опасно по здравјето ако просеците на ПМ10 честичките надминуваат 45 микрограми на метар кубен во 24 часа, додека за честичките ПМ2,5 надминувањето во просек не треба да биде повеќе од 15 микрограми на метар кубен на ден.