МЖСПП: Усвоен текстот на Предлог-законот за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата

од Radmila Tasevska
225 прегледи

На иницијатива на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Владата на денешната седница го усвои текстот на Предлог-законот за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во трета категорија – споменик на природата. Сега ќе оди во Собрание за негово донесување, информираат вечерва од МЖСПП.

– Охридското Езеро се прогласува за споменик на природата заради геоморфолошките и хидролошките карактеристики, исклучителните природни вредности, како дел од Светското природно наследство на УНЕСКО и еден од најважните рефугиум центри на биолошката разновидност во европски и светски рамки. Споменикот на природата – Охридско Езеро ќе биде управуван од Јавното претпријатие „Колекторски систем“. Планот за управување ќе треба да се донесе најдоцна во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон, појаснуваат од МЖСПП.

Како што се наведува во соопштението од Министерството, со прогласување на споменик на природата, се овозможува заштита и зачувување на природната состојба на Охридското Езеро, преку заштита и зачувување на живеалиштата и видовите од национално и европско значење и заштита на другите природни вредности. Потоа, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно, да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите. Исто така, создавање поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност. Се овозможува и одржливо користење на природните ресурси, на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.

Процесот е поддржан од Програмата на Обединетите Нации за животна средина (УНЕП) во Виена и Меѓународната унија за заштита на природа (IUCN), Канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (ECARO) и од национални институции и експерти.

Слични содржини