Најавен проект Hintegrale

од Vladimir Zorba
269 прегледи

Италијанскиот Angelelli Automobili го претставува проектот Hintegrale, еден вид реинкарнација на легендарната Lancia Delta S4.

Спортскиот автомобил Hintegrale се планира да се произведува во ограничена серија, како и со различни опции за погон.

Angelelli Automobili е основана во 2017 година од италијанскиот инженер, дизајнер и претприемач Давиде Ангелели, кој, според негови зборови, има долгогодишно искуство во развојот на високотехнолошки компоненти за автомобилската и воздухопловната индустрија.

Проектот Hintegrale моментално постои само во форма на виртуелен модел, но се тврди дека неговиот развој е во полн ек.

Хечбекот Hintegrale е блиску до Lancia Delta S4 во однос на концептот и пропорциите. Телото на Hintegrale е засновано на просторна тубуларна рамка, а има и алуминиумски и титаниумски компоненти.

Основната патна верзија на Hintegrale Stradale (во серија од само 50 примероци) ќе биде опремена со 1,8-литарски бензински би-турбо мотор со 280 КС (нема информации за менувачот), со погон 4х4.

Hintegrale R (планирани 25 единици) ќе биде опремен со хибриден погон, при што на моторот од 1,8 литри ќе му помагаат два електромотори сместени на задната оска, па вкупната моќност ќе биде 400 КС.

Верзијата WRC (исто така 25 единици) го има истиот 1,8-литарски бензински мотор и два електрични мотори, но со вкупна моќност од 500 КС. Уште поексклузивна Rally верзија (во 10 примероци) ќе ја има истата моќна единица, со зголемена моќност на 550 КС. Планирана е и целосно електрична верзија на E-WRC (25 единици) со 700 kW/952 КС.

Цената се движи од 90.000 до 550.000 евра, но се уште не е објавено кога ќе започне производството.