На самиот почеток на 2023 година, Volkswagen најави нов модел во својот ID. опсег на електрични возила.
Поточно, најновиот електричен Volkswagen го носи името ID.7, но засега е прикажан само во камуфлирана верзија.
Во моментов нема многу детали, но Volkswagen ќе го прикаже моделот и на саемот CES во Лас Вегас, поканувајќи ги присутните да го „доживеат следниот чекор во патувањето на Volkswagen за електрификација“ на 5 јануари.
Според некои претходни информации, ID.7 долг 494 сантиметри ќе биде изграден на MEB платформата на Volkswagen за електрични возила, со автономија (во зависност од верзијата) до 700 километри. Mеѓуоскиното растојание е 297 см.
Иако се уште не е официјално потврдено, во понудата најверојатно ќе има основна верзија со погон на задните тркала и 204 КС, како и помоќна варијанта со два електромотори (299 КС) и погон на четири тркала.
Дополнително се најавува модерен, простран и променлив ентериер.
ID.7 доби и нов 15,0-инчен екран на допир, head-up дисплеј, дигитално контролирани отвори за воздух (кои автоматски ја прилагодуваат температурата во автомобилот во зависност од тоа колку е топло или ладно надвор), како и гласовни наредби „Hello Volkswagen“ за контрола на основните функции.
Серискиот ID.7 ќе се продава прво во Кина од втората половина на 2023 година, но варијанта за Европа и Северна Америка ќе пристигне во истата година. Точниот датум на оваа последна варијанта се уште не е објавен, но претходните најави велат дека ќе се произведува во фабриката на Volkswagen во Емден.
Тој е меѓу 10-те нови електрични модели што ќе бидат лансирани до 2026 година, така што извршниот директор Томас Шефер тврди дека Volkswagen ќе го има најширокото електрично портфолио во автомобилската индустрија.
„Од основниот е-автомобил со целна цена под 25.000 евра до Volkswagen ID. Buzz и новиот водечки модел, ќе ја имаме вистинската понуда во секој сегмент“, рече Шефер.
Шефер најавува дека Volkswagen ќе произведува исклучиво електрични автомобили во Европа од 2033 година.