На бугарските ресторани и хотелиери им се заканува банкрот поради поскапувањето на струјата во земјата, а претставници на оваа индустрија ја повикуваат владата во Софија на итна интервенција за да се зачува стабилноста на секторот.
Потпретседателот на Бугарската асоцијација на хотели и ресторани (БХРА) Атанас Димитров изјави дека сега трошоците за струја се десет пати повисоки од порано.
Пред неодамнешните поскапувања, хотелот со околу 250 легла плаќал просечна сметка за струја од 10.000 бугарски лева или околу 5.122 евра, а сега се очекува сметката да биде меѓу 110.000 и 120.000 лева, односно меѓу 56.240 и 61.352 евра.
Димитров смета дека овие мерки нема веднаш да влијаат на резервациите на гости, но предложи бугарската влада да размисли за ограничување на цените на струјата и државна поддршка за целиот сектор.
Многу ресторани и хотелиери во Бугарија се подготвуваат за протести кои би можеле да се одржат во некои региони за неколку дена, предупреди Димитров.